ИЗЛОЖБА НА ДЕЛА ОД ЛИКОВНАТА КОЛОНИЈА ДРЕН 2021

Месец на настани за 42 години ЦК “Марко Цепенков”

На трети ноември напладне, за Денот на градот, во Ликовната галерија на Центарот ќе биде отворена изложбата на дела создадени на годинашната ликовна колонија Дрен 2021. Ќе бидат изложени над 20 дела, од сликарите Мирослав Живковиќ и Снежана Малетин од Србија, нашите уметници Мирјана Крстева Масети, Александра Петкова – Џианели, Буба М. Солак, Драган Најденовски, Новица Трајковски, Тони Чатлески, Стефан Малбашиќ и скулпториите Слободан Милошески и Марјан Стојаноски.

Во минатите 13 години се создадени околу 350 дела кои се во трајно наследство на Центарот и на државата.

На 4. ноември од 20 ч. во големата сала во Центарот ќе се одржи рок концерт на Сашко Костов, при што ќе биде промовиран албумот “Крик и прашина”. Албумот е оригинална, автентична, емотивно – експресивна приказна за едно патување низ музичките соѕвездија, со елементи на поп, џез, во кој се бришат границите меѓу музичките жанрови. Освен Сашко Костов настапуваат  Симон Облешевски – клавијатури, Симеон Ангеловски – бас, гитара, Дамјан Грујо – тапани Филип Бошевски – гитара.

Костов е мулти-инструменталист, композитор, изведувач и продуцент, чија музичка инспирација е тесно, врзана за неговите влијанија и потекло. Последниве години произведува сопствени инструменти со уникатен звук, изработени од рециклирани материјали (дрво, пластика, метал) сечење – штимање, метални, пластични цевки… Од 1995-та година, наоѓа место во индустријата, се фокусира на соло кариера. Компонирањето на музика за театарски претстави стана негова пасија. Костов твори интригантен звук и останува верен на сопствените творечки стремежи. Посветен на својот занает и полн со еклектични идеи, знае како се користи поетскиот стих за да ги разубави своите музички тонови и ритми. Вокалите се неговото најмоќно оружје. Еден од ретките кои, потпирајќи се на сопственото авторско кредо и на стекнатите свирачки вештини зад себе, има пристојно долга кариера документирана во 15 објави, многу театарска музика и уште повеќе концертни настапи со повеќе групи. Формалната наобразба ја заокружува на Џез академијата на Универзитетот  во Штип. Тој подеднакво е успешен како тапанар, перкусионист, вокалист, гитарист, клавијатурист…

Со изложбата и рок концертот ЦК “Марко Цепенков” го почнува одбележувањето на 42 години од формирањето на Домот на културата. Претстојат уште неколку концерти, изложби и пијано маратонот на музичкото училиште.

Loading