ЦЕНА НЕ БРКА ИЛИ ДУПКА

Белешка

Влегувам како катаутро во малото маалско дуќанче и нормално ги поздравувам продавачите со Добар ви ден деца! Исто така, нормално ми одговорија и ми рекоа, “Повели”! Сé е во ред, продолжив и застанав пред рафтовите, витрините и фрижидерите, гледајќи ги убаво наредените производи и, се разбира, цените. Повторно ме поканија со “Повели”, а јас – “Во ред, деца, ама Цена нé брка од дуќанов”! Чупето љубезно ми се обрати. “Овде нема никаква цена, јас се викам Ирена, чичко” – ми рече! “Да” – реков девојче. “Разбрав како ти е името. Одамна доаѓам, ама не знаев како ти се викаш. Но, навистина Цена нé брка да не доаѓаме во продавницава. И не само во оваа, ами и во другите. Цените, чупе, цените на производите ни велат – “Ај сиктер, одете си, ако не можете да купите, поточно ако немате пари”,

А, се знае зошто и самите не знаете кога да ги смените цените на производите. Којзнае во колку смени работат тие во книговодството или во продажното одделение да ги натокмат цените според она што го набавуваат и, се разбира, со додадената маржа да ги задолжат продавачите. Тие потстанаа од менување на ливчиња на сите производи. Се гледа колкупати се прелепувани. Затоа велам дека Цена нé брка од продавниците, а не само од нив, ами и од пазар, а не само од оние колонијалните, туку од сите. Не знам до каде ќе се оди и до каде ќе можеме да издржиме, оти ептен се истенчи ќесето, а пензиите ќе се зголемеле дури в година во јануари, ако сме живи и здрави. Туку нека се тераат избориве. Тие се најважни за некого, а не и за народот!! Така дојде интересот е најважен. Да се добие фотелјата или да се задржи, да не се загуби

Пред заминување ми текна дека ме пратија по леб. “Дај ми, чупе, две парчиња леб”.

Продавачката некако зачудено и прашално ме погледна. Не í беше јасно што барам, каков леб, оти сега скоро сите се сечени на парчиња. Не е како некогаш цел леб, па ако купувачот бара половина или четврт продавачите на лице место му пресекуваа колку што барал муштеријата. Сега сите јадеме “европејски” леб, исечен на парчиња. Спакуван во најлон ќеси, од мајка, уште од пекара и, се разбира, исечен на парчиња. Побарав две пакувања од сечениот и полуцрн леб. Таков ми подаде, смеејќи се на нејзиното двоумење, сега Ирена!

Заминав по улицата. Слушнав силно тропање на тркалата од еден камион. Насред на улицата се отворила голема дупка. Асфалтот лани го поставија, ама  некако тенок, небаре картон. Од првите диждови, се покажа квалитетот што сега повторно истата фирма од Струга се појави со своите машини во градов. Планираа да асфалтираат многу улици, да го разубават градот. Ама, некако не им се работи или размислуваат дали да продолжат или не, оти се сменија работите по првиот круг на локалниве избори. Сопствениците на фирмата, чии машини уште се по улиците оставени, не знаат кој и колку и дали ќе им плати. Се знае како се договара. Се распишуваат тендери, ама овие се задоцнија, таман пред избори, и се бара изведувач на работите од друг град. Така е посигурно, а и како што се вели “поевтино”. А, дали е така не зна. Знам дека наши градежници, прилепски де, изведуваат работи во други градови, да нема “на ти- дај ми”!. Што би се рекло сé е под контрола! Нема корупција, нема редење на тендери, нема…!

Така беше, ќе рече некој, ама атаму нема да биде како досега. Сега сé ќе се менува, сé ќе биде поинаку!

-Ашколсун, живи да сме, ќе дочекаме, ако сака тој сполај му! – си велам.

К.Р.

Loading