ОСТАНАТИТЕ ОСТАНУВААТ!!!

Од први септември почнува новата училишна година. Но, пандемија. Можно ли е да се започне годината со физичко присуство? Или пак од дистанца? Многу разговори, многу коментари и најпосле договор. Училишната година ќе започне со физичко присуство. Но, и ќе имало исклучоци. Слушаме ваква реченица на некоја од нашиве ТВ: “Во Гостивар учениците дома остануваат, а останатите ќе одат во училиште”. Замислете, значи дома остануваат, а останатите ќе оделе во училиште. Тој збор “останато” со такво значење е преземен од српскиот јазик. Кај нас тоа е глаголска придавка, означува дека некој некаде останал. Случајот не е таков, не станува збор за тоа. Учениците од Гостивар ќе останат дома, но другите (“останатите”) никаде не се останати. Оставете ги Србите. Нека си велат “остали”. Зошто кај нас да не се рече дека децата од Гостивар ќе ОСТАНАТ дома, а ДРУГИТЕ (не остантатите) ќе одат на училиште. Значи ДРУГИТЕ, а не ОСТАНАТИТЕ. Никаде тие не се останати. Во споменатата реченица има и друга грешка. Се вели: “Ќе одат во училиште”. Не! Ќе одат НА училиште! Како што се оди на театар, на опера, на екскурзија, на фудбал, на доктор, на митинг и многу такви. Нека се престане со мудрувањето дека ако се речело “на” тоа ќе значело дека дејството ќе се одвивало на училиштето, на покривот, или на самиот театар и слично. Сме пишувале, сме го објаснувале ова и порано.

На друга ТВ презентерката известува: “Децата ќе почнат да одат во школо”. Уште една грешка, би рекле редовна. УЧИЛИШТЕ, а не ШКОЛО. И така, децата ќе одат на училиште, студентите на факултет, возразните на работа…

Предизборие! Многу кандидати за градоначалници. Предложени од партиите или независни. Речиси од сите наши ТВ слушаме дека тие ќе се “тркале”. Од каде го измислија тој глагол “тркаа”, па уште и повратен глагол “се тркаат”. Зборот “трка” е именка, а не глагол. Во нашиот јазик глаголот е “трча”, глаголската именка – “трчање”. Кандидатите за градоначалници ќе трчаат, ќе се наттрчуваат во претседателската трка, а нема да се тркаат.

Меѓу партиите отсекогаш имало меѓусебни напаѓања, па дури и навредувања. Но, до кога ќе го слушаме зборот “препукување” кој во вакви случаи не значи ама баш ништо. Србите нека си велат “препуцавање”. Таму тоа е нормално. А овој бесмислен превод “препукување” е сосема непотребен. Ако сакаме да најдеме токму таков збор, можеби може да се употреби зборот “престрелки”. Се разбира, во преносна смисла. Може да се рече меѓупартиска пресметка, пресметки меѓу партиите и слично. Тој збор означува дека има обострани напади, престрелки.

Во Црна Гора е прогласен митрополитот Јоаникиј. Сите наши телевизии, како договорени – “устоличен”. Зборот “столица” го нема во нашиот јазик. Скопје е нашата престолнина, а не столица. Пред некое време, многу наши новинари се плашеа од префиксот “У”, демек (тој бил српски), па велеа “востоличен” што е уште поголема измислица. Забораваат нашиве луѓе дека нашата именка е “стол”, а не “столица”. А оној стол од митрополитот ќе биде престол или трон. Придавка “упрестолен” тешко би можела да се изведе, но може – ТРОНИСАН. А и глаголска именка – ТРОНИСУВАЊЕ. Значи, “устоличувањето” не е проблематично поради префиксот “у”, туку поради именката “столица”.

Уште една грешка. Разговор на ТВ. Водителот се заблагодарува на соговорникот: “Да ви се заблагодарам на вас”. Пак по скопски, зар не? “Да ви се заблагодарам вам” ( не на вас ).

Loading