ГРАДОНАЧАЛНИК

Белешка

Од поодамна се немавме видено поради коронавирусот. Двајцата се чувавме, се криевме, оти сме ризичната категорија на граѓани. Кога ми подвикна – ,,Слушај ваму,, – малку како да ме подисплаши. По гласот го препознав без да го видам. И тој и јас, покрај наочари за сонце, носиме и капи, за заштита од жештините. Секако и заштитни маски.

-Разбра!? – ми вели откако направивме здраво-живо.

-Не знам што треба да разберам – му реков и продолжив.

-Некако си инспириран од европскиот фудбал. Како да сакаш да ме фатиш на прва и да ми дајш гол од волеј. Што е работава, што треба да разберам? – му вратив.

Сакав да добијам во време и да ,,освојам,, бодови  од пенали!

-Почнале во партиските кујни да се ,,крчкаат,, кандидатите за градоначалници. Не само во Прилеп, ами насекаде.

-Не сум оптоварен со тоа. Кој и да е, еден ќе биде. Важно е да биде ,,татко,, за сите, а не само од неговите од партијата. Право да си кажеме. Кој нé сајкали нас пензионерите. Никаде не сме споменати. Посебно не се сеќаваат на нас околу зголемувањето на пензиите. Години наназад се сеќаваме на многумина кое претседатели, како што се викаа на времето кога немаше повеќе партии, кое градоначалници, не во ,,едноумието,, сегашно. Се знае. Ретки беа тие кои мислеа ептен многу за народот, за граѓаните. Ама, што можеме ние!? Тоа е тоа, овие години? – му одговорив, бранејќи се.

-Не е така – некако налутено, ми се стори дури и како да ми свреска!

-Што можеме со тебе да сториме? – му вратив.

-Како што можеме? Гледаш дека си се редат тие, па тие. За мене градоначалник, точно е што велиш ти еден ќе биде, ама треба да биде ,,неизвалкан,, да нема многу роднини, оти најпрво ќе мисли да ги вработи своите. Кој му се најроднини? Неговите и од сопругата. А треба да не гледа теснопартиски, како што рече, да е татко за сите граѓани. Треба да биде млад и да нема многу швалерки, оти ќе мисли да ги реши и нивните проблеми, кај со вработување, кај со станови и сé што оди заедно. Треба да мисли за градот,  за граѓаните. Еве, не мора за пензионериве, оти и вака и онака се ретчиме од ден на ден. Не мора да биде многу учен ,оти ќе има, како сите пред него, многу советници. Да потсетам на неколку признати градоначалници. Се сеќаваш на градоначалникот на Белград, некој си Ковачевиќ, се викаше. Го гледавме и на слики во весниците. Се возел со трамваите белградски да виде дали е сé во ред со градскиот превоз. И онај возрасниот градоначалник на Солун. Прилеп не помала многу? – ми постави прашање, иако и тој и јас го знаевме одговорот.

Сите знаеме дека човекот за кого ме потсети имаше доста години, а и  градот на кој беше градоначалник се знае дека е многу, многу поголем од Прилеп.

-Така, оти да не биде човек од чаршијата? – како пријателот да ми помагаше за поенот од пеналите.

Разговорот го продолжи со прашални реченици. Разговорот,  дијалогот, повеќе наликуваше на искажување, на негово олеснување, да каже што мисли за идниот градоналаник на Прилеп.

-Можам да редам уште многу примери. Сите го видовме на  телевизија, и  оној министер, или премиер што беше од Виена, што се возеше со воз, а не со блиндирани автомобили, независно од која марка се. Да потсетам на градоначалникот- претседателот на Собранието на Општина Прилеп уште од пред 50 години, од едноумието. Се сеќаваш на покојниот Живко Магдески. Во негово време се реши водоснабдувањето на градот и на многу населени места од неколку општини. Се изгради регионалниот водовод Студенчица. Не  бројам повеќе и не те задржувам (како да се сети). Гледам дека ти тежат торбите и се потиш – ми вели.

Како да му текна дека сме возрасни и дека е жешко, и тргна да си оди. Не знам, со поенот од пеналите како тој да доби поени?!!

К.Р.

Loading