ЖЕНСКО ИМЕ, МАШКО ПРЕЗИМЕ

ivce1Прелистувајќи книга што одамна не сме ја виделе, испадна едно малечко ливче. Исечок од весник. Некогаш сме го пресекле и сме го ставиле во книгата. Сме го заборавиле. Не знаеме од кој весник е, кој е авторот на напишаното и кога сме го ставиле тука. Што е тоа што нé натерало да го чуваме? На него пишува: ,,Според француските закони, но и законите во други земји, на децата може да им се ставаат имиња исклучиво од листата на дозволени имиња,,.

Ете сега! Каква недемократска земја била Франција! Кај нас, не постојат никакви ограничувања. Ние сме демократско општество. Секој своето дете може да си го крсти како што си сака. Има случаи кога проблемот се решава со акцентот и со една буква. Еве примери! Одамнешно и мошне познато е името АНДРЕЈА. Тоа е машко име. Е, ама сега не е така. Тоа нека си остане машко, ама зошто да не биде и женско? Сега имаме женско име кое гласи – АНДРЕА. Јасна е разликата, нели? Машкото се пишува со ,,Ј,, – АНДРЕЈА, а женското без ,,Ј,,  – АНДРЕА. Тука и акцентот помага да разбереме кое е машко, а кое женско. Машкото има нормален, македонски акцент на третиот слог одназад, а женското на вториот слог одназад. Тоа отстапува од нашиот акцентски систем, но затоа пак е модерно. Истиот случај е и со името МАТЕЈА. МАТЕЈА е машко, со ,,Ј,,, а женското е МАТЕА, исто така без ,,Ј,, и со изместен акцент. Никој никому не може да му сугерира или, недајбоже, да му забрани да си го крсти детето како што си сака.

А дека се нарушуваат и некои граматички правила, никој на тоа не мисли, и најверојатно не знае. Таква е полната слобода со имињата, а со презимињата е веќе анархија а не слобода. Би рекле ,,слободија,,. Зачестена е појавата женските презимиња да добиаат машка форма! Така било во светот, мажот и жената да имаат иста форма во презимињата. На пример, ако мажот се презива Јанкоски и жената треба да биде Јанкоски. Тоа не е така насекаде. А и да е така, кај нас не е така. Кај нас презимето (во најголем број случаи) е придавка. За мажите во машки род (Јанкоски), а за жените во женски род (Јанкоска). Зошто го потценуваме тоа што е наше? Па ова кај нас е дури и подобро. Ако прочитаме српско презиме – Јанковиќ, не знаеме дали станува збор за маж или за жена. Потребни се други податоци. Кај нас тоа се препознава веднаш. Не е потребно да го знаеме и името и да знаеме дали е во прашање маж или жена. Сега, со  ,,модерниве,, презимиња и ние нема да знаеме (според презимето) дали е маж или жена. Со таквите презимиња  влегуваме во редот на ,,напредните,, земји. Сега, некоја, да речеме – Марија Јанкоска, ќе биде Марија Јанкоски. А ако нејзиното моминско презиме и било, да речеме, Стојаноска, мажот може, има право да го земе нејзиното презиме. И ако тој, на пример, се вика Благоја, ќе се вика сега Благоја Јанкоска. Така, нели? Презимињата треба да бидат исти.

Ова е жалосна појава! Од друга страна тоа е и смешно. Жена со машко презиме или обратно, маж со женско презиме. Да ги земеме за пример најпознатото и најупотребуваното име, и презиме – Гоце Делчев. Татко му е Никола Делчев, мајка му е Султана Делчева. Замислете, како би звучело женското име да гласи Султана Делчев. Мошне познато ни е и името и презимето на народниот херој Мирче Ацев. Но, сестра му е Вера Ацева а не Вера Ацев.

Некое чудно и немотивирано помодарство си пробива пат. Зар тоа не е одродување, однародување? Зар тоа не е потценување на своето, бегање од своето, напуштање на своето?! Зар тоа не е напуштање на националната самосвест, гордост, во крајна линија и на националниот идентитет?!

Го цитиравме написот во весникот дека во Франција и во други земји, постоел закон што ја регулира таа проблематика. Кај нас не постои ништо , никаква регулатива. Не само во областа на ономастиката, туку сета состојба во јазикот е хаотична. Никаква грижа! Никаква потреба за регулатива!

Благоја Ивчески

Loading