АРАМИЛАК!!

Белешка

-Ела ваму – ме поттргна еден повозрасен комшија малку понастрана на тротоарот, скоро поплочен.

-Кажи нешто, те мачи – му реков прашално.

-Како бе да не ме мачи. Не одиш во дуќан, маркет, колонијален? Те гледам секое утро како купуваш од маалското дуќанче, млеко, благо кисело, леб!

-Добро де, и?

-Како бе и? Не ти е нешто сомнително?

-Што би ми било сега сомнително, кога сé е како што треба – му враќам.

-Колку го плаќавме киселото млеко пред два-три месеци?

-Па, како што беше паковано во пластична амбалажа по 20, 22, 24 денари, зависно дали е кравско или овчко. И, се разбира, од која млекара е –  му враќам.

-Сега колку го плаќаш – пак ме праша.

-Исто. Има и за 12 денари. А, а, а?. Си видел колкава е грамажата?

-Не – му велам.

-Секое канче за потквасено, поткиселено млеко е намалено за 200 или 100 грама, а го плаќаш како порано. И помалку јадеш за исти пари – ми подвикна налутено.

-А, си видел колку е шеќерот?

-Исто – пак му велам.

-Како бе исто? Сега е 33 денари, а некаде и повеќе. Сигурен сум дека не си видел дека паковањето тежи 900 грама. Маслото да не ти кажувам! Ќе ти зоврие главата. А и друго сé е со намалена тежина, а цените се качени ,,вишно небо,,. А, ни велат сé е исто како порано. Само политика се брка. Олку е просечната плата, олку е друго и не знам што сé не ни баат. Само пензиите исти, како порано! А, на банка, на пошта?

-Што таму – се правам недоветен.

-Како што – сега ептен налутено ми свреска комшијата.

-Знаеш колку е провизијата?!

-Не, не гледам – му враќам.

– Не гледаш дека и таму сé е ,,појдено,, нагоре?!

-Може – му враќам.

-Се сеќаваш како беше порано? Трговците од инспектори главата не можеа да кренат. Секој ден се плашеа од инспекцијата. Те пазарна, те санитарна… Не знам уште какви не. Се баждареа вагите, баланзите, кантарите… На теговите мораше да има печат. На одредено време да се проверат. Ако пазарниот инспектор најдеше непроверена од овластениот сервис, на трговците коските им се ребреа страв од казни. Сега овие, демек дигитални, а кинески ваги, нé не лажат! Сите се точни! Абер немаат од точност. Не им верувам на ,,модерни”е,,. Крадат-сушат, односно повеќе кажуваат, а помалку мерат. Сé е тури собери. Кој ќе нé фати,  ни подзема по нешто. Никој не казнува ниту за зголемени цени, за поминат рок на траење на производот… А некогаш бакалите лежеа в затвор, ако имаат помалку пари на пописот. И ако имаа по некој стотка фазла, пак зад решетки. Мислиш не се краде и со фискални сметки? Сé е за в затвор, ама!!! – се вознемири комшијата од лутина.

Ејди, ејди, каде се советите на потрошувачи, каде се инспекторите, здруженијата за ова, за она Знаеш колку е ова наголемување на животниот стандард? – праша.

-Не знам. Математика имав кец – му одговорив.

К.Р.

Loading