ДОБРОВЕЧЕР

ivce1Се случуваат понекогаш некои чудни, непредвидливи појави. До пред 20 година, никому не му паѓаше на ум да упатува поздрав: ,,Имајте убава вечер,,. Поздравите претставуваат испраќање на убави желби. Зошто никој не вели (на телевизиите): ,,Ви пожелувам убава вечер,, туку велат – ,,Имајте убава вечер,,. Никој не размислува дека глаголот ,,имајте,,е во императивна форма, заповеден начин. Тоа е наредба. Како што се наредба, (заповед) глаголите: земајте, играјте, вежбајте, бегајте… Таква наредба е и од помошниот глагол – имајте. Ете, некој почна и сите го прифатија. Сега секоја вечер слушаме како ни наредуваат да имаме убава вечер. Сите велат – ,,Имајте убава вечер,,. Сите се дистанцираат од поздравот, туку ни велат самите ние да си имаме убава вечер. Ја нема убавата желба на поздравувачот.

Во последно време слушаме еден необичен поздрав. Можно е и тоа да биде прифатено од сите. За што станува збор? На телевизијата 24 Вести, повеќето од презентерите, наместо поздравот ,,добровечер,, велат ,,добра вечер,,. Засега, тоа го слушаме само на таа телевизија. Веројатно тргнуваат по една логика дека именката ,,вечер,, е од женски род, па и придавката треба да биде од женски род ,,добра,,. Според граматичките норми, тоа не е неможно. Но, зошто сега да се прави од готово вересија. Постојат и по некои клиширани изрази кои можат да отстапуваат од нормите. Таков е случајот со – ,,ДОБРОВЕЧЕР,,. Ќе го цитираме тоа од правописот каде што пишува: Поздравите што содржат два или повеќе зборови се пишуваат одделено – добар ден, добро утро, добра ноќ, добре дојде, добре ми дојде, до видување, до гледање, со здравје: но се пишува – здраво – живо, добровечер, добарденот, здравоживото. Значи, поздравот ДОБРОВЕЧЕР се пишува така. Така и во сите речници. Нема никаква потреба да го преправаме. Друго е ако треба да се рече, на пример: ,,Една добра вечер, во мај, се шетав во паркот,,. Но поздравот си останува – ДОБРОВЕЧЕР.              

Поздравот – ,,добре дојде,, и слични такви, кај нас лично создава колебање. Нема да пишуваме опширно. Можеби времето ќе биде решавачки фактор за една евентуална корекција.

Пандемијата донесе проблеми и во економијата, тешкотии во производството, намалување на прометот и зголемување на цените на производите. Особено на прехранбените. Слушаме на сите телевизии. За чудо, од многу презентери (и не само од нив) велат дека цените на производите биле поскапени. Како и многу други случаи, и овде станува збор за невнимание, неразмислување. Не можат цените да поскапуваат. Не можат да бидат скапи или евтини. Поскапуваат производите, тие можат да бидат скапи или евтини. Цените можат да бидат ниски или високи, зголемени или намалени. За жал, често слушаме дека поскапеле цените. Грешка! 

Растел бројот на заболени од вирусот Корона 19. Се преземаат разни мерки. Полициски час, затворање на угостителските објекти и друго. Министерот објаснува. Мерките можеле и да се менуваат. Вели: ,,Ќе ја пратиме ситуацијата,,. Ќе ја пратиме! А каде ќе ја пратите? Колку често ја слушаме оваа грешка. Глаголот ,,прати,, кај нас има сосема друго, поинакво значење – прати писмо, прати порака, прати поздрав… Зошто го користиме глаголот со српско значење? Зошто не велиме дека ќе ја СЛЕДИМЕ ситуацијата, а не дека ќе ја ПРАТИМЕ ?

Слушнавме дека некаде било испратено ,,пропратно,, писмо. Исто така глагол со српско значење. Кај нас тоа е ,,придружно,, писмо, а не ,,пропратно,,.

Уште еднаш, којзнае по кој пат, ќе кажеме. Српскиот глагол ,,прати,, кај нас може да се користи на два начина – СЛЕДИ и ПРИДРУЖУВА. Полицијата го следи крадецот, студентите ја следат наставата, гледачите ја следат емисијата. Оркестарот го придружува изведувачот на песната, човекот со оштетен вид се движи со придружник (не пратиоц).

Господин министре! СЛЕДЕТЕ ја ситуацијата.

Loading