,,КАША – ПОПАРА,, ИЛИ ,,ШАШМА,,!!

 Белешка

А, бе, кај бевте, некни, цел ден вртев, никој не ми креваше. Се загрижив, што се случи, си реков со луѓево?

-Хм, заминавме рано, сабајлето. Прво планиравме да одиме во Врање, да се вакцинираме. Ама, таму имаше голем ред нашинци и продолживме за Ниш. Во ред чекавме подолго време, кога некој рече дека немало доволно вакцини и ќе требало до Белград. Арно оти носевме пари! Додуша и ВИЗА  картичката ни заврши работа, за бензин и за патарина, не за друго. Таму почекавме и се некако со ред влеговме во халата од поранешното сајмиште и бевме вакцинирани. Се разбира, откако бевме прашани за некои состојби околу нашето здравје. И, си тргнавме доцна на пат. Па нé фати полицискиот час на граница и чекавме. Знаеш, ни беа исклучени мобилните.

-Еве и кај нас почнаа да вакцинираат. Бадијала одевте и сте се мачеле?

-Да, ама ги вакцинираат оние што се над 77 години, а ги имало пријавено над 20 илјади. Како што кажаа, добиени се само 24 илјади вакцини од Астра – Зенека. Кого побрзо да го вакцинираат?

-Да ама, од тие вакцини се згрутчувала крвта. Починале некои, иако биле вакцинирани. Сега и кај нас ќе дошле од кинеските, од оние од Фајзер. Кај да е, на авион биле качени и оние од Русија! Кај, да е ќе дојдат и тие.

-Ама, како што прочитав по ова интернетов и од тој Фајзер се умирало. И тој, не бил сигурен.

-А, кој е за нас, сигурен, знаеш?

-Види, добро е што се најдоа разбрани и организирани луѓето од соседството. Инаку, не знам кај ќе ни беше крајот?

-Ами, нашиве, големиве бадијала се ,,намуртија,,. Се испокараа едни со други кој бил, кој не бил виновен за тоа што немало, што се чекало, што изумре толку народ и за што уште не!

-Разбра дека се договорија да нема попис?

-А, којзнае што прават и што мислат наши политичари!

-И, сега ништо не се знае што е и како е? Кој е виновен за сето ова?!

-Ова кај нас стана ,,каша- попара,, или ако сакаш ,,шашма,,!

– Прочитав и разбрав. Тоа е тоа, знаеш кој е виновен?!

-Кој?

-Покојните, татко ми и мајка ми (Бог да му душа прости), што ме ,,стокмиле,, да се родам овде, во мачната, наша Македонија!!!

-А, бе глеј си ја маката. Ниту јас, ниту ти, ќе ја ,,опрајме,. Ова е од одамна закрчена. Тешко нас, тешко на народ, наш ,македонски!

К.Р.

Loading