МИНИСТЕРОТ ДОБИЛ ,,ГЛАСИНА,,

ivce1Извесен политичар, за да избегне затворска казна, се обидел да избега од Македонија. Се бара виновникот кој, евентуално, му помогнал за тоа. Извесен министер добил некаква информација, но не реагирал. Толку за ова, не е тоа наша тема. Не заинтересира изјавата на министерот. Тој вели дека не бил сигурен, добил само ГЛАСИНА. Таа именка, ,,гласина,, обично се користи во множинска форма – ,,гласини,,. Но, во нашиот јазик таа е непожелна ниту во еднина ниту во множина. Таа е непотребно преземена од српскиот јазик. Кога би се превела на македонски таа би гласела – ,,гласиште,,. Како таква, не може кај нас да ја врши истата улога како во српскиот јазик. Во српскиот јазик таа означува дека станува збор за некаква непроверена информација. Кај нас, за таквото значење се користи зборот – ,,слухови,,. И тој обично оди во множинска форма – ,,се шират слухови,,. Значи, се шират некакви непроверени информации. Ете, такви слухови стигнале и до министерот. Наслушнал тој нешто, подразбрал, дека човекот сакал да избега, но сето тоа било непроверено и затоа не реагирал. Таму не навлегуваме и не не интересира. Но, зошто министерот повеќепати го повторува тоа дека добил ГЛАСИНА? Господин министер, Вие сте министер за правда. Да се користат вакви зборови е неправда. Пребарајте во речниците. Овој збор, со вакво значење, никаде нема да го најдете.

Нашиот квиз, на ТВ Сител е посебна приказна. Водителот, честопати сака да биде духовит, па вели – ,,се шалам,,. Не му текнува дека во македонскиот јазик тој збор гласи ,,шега,,. Пред да почне со односните прашања ги прашува учесниците – ,,Дали сте подготвени,,? Подготвен е оној што одел на подготовки. Тоа има исто значење со српскиот израз – ,,Јесте ли припремљени,,. Овде прашањето треба да гласи – ,,Дали сте готови,,? Во некоја од емисиите учесниците требаше да набројат неколку жичени инструменти. Но, водителот вели ЖИЧАНИ. Тоа е придавка добиена од именката ,,жица,, а кај нас наставката е ,,ен,, а не ,,ан,,. На пример: КОЖА – КОЖЕН, МОЛБА – МОЛБЕН, СВИЛА – СВИЛЕН, СТРУЈА – СТРУЕН (струен удар), ВОДА – ВОДЕН, па според тоа и ЖИЦА – ЖИЧЕН. Значи, ЖИЧЕНИ инструменти. Квизовите, какви и да се, се доста гледани емисии. Зар не им е јасно на нашиве телевизиски куќи дека тука се потребни водители кои го познаваат убаво македонскиот јазик?

Слушаме искажување на министерката за образование. Објаснува за измените во образованието, за учебниците. Зад неа, голем натпис: ,,Учи паметно – работи стручно,,. Наместо изјавата и коментарот на министерката, вниманието  го привлекува токму тој натпис. Се прашуваме како е тоа ,,паметно,, учење! Дали има некое друго, непаметно учење? За тоа дека треба да се работи стручно, во ред. Може некој да работи и нестручно, тоа е непожелно, нели?! Но какво би било непаметното учење останува нејасно. Или можеби само нам не ни е јасно дека би постоело и некое поинакво учење освен она, паметното. Па, драги ученици, внимавајте! Еве до вас стигнува пораката дека треба да учите паметно. Немојте вие да почнете да учите глупаво!

Новинарка известува дека имало фекалии во питката вода во Велес. ПИТКА вода! Го повтори тоа новинарката повеќепати. Значи, не станувало збор за случајна грешка. Таа мисли дека треба токму така или поточно, не мисли дека е тоа погрешно. Малку ако размисли, можеби ќе се сети дека придавката ,,питка,, е добиена од глаголот (српски) ,,пити,, или ,,напити се,,. Ние немаме таков глагол. Нашите глаголи гласат – ,,пие,, ,,се напива,, или ,,пивнува,,. Според тоа, водата ќе биде ,,пивка,, а не ,,питка,,. Значи, во Велес имало фекалии (нечистотии) во ПИВКАТА вода. Слично како во нашиов јазик што го слушаме од телевизиските емисии – голем број нечистотии. Но, за да не бидеме неправедни спрема телевизиите, ќе кажеме дека ситуацијата не е таква само кај нив. Насекаде е!

Loading