МАЈСТОРОТ ЗА ЖЕЛЕЗНИ ЧЕВЛИ

dzeko 2Џеладин Керимоски – Џеко – последениот налбат

-Погани маски кршат коски

Последниот прилепски мајстор на налбатскиот занает одолева на цивилизацијата. Џеладин Керимоски Џеко со секачот, клештата и чеканот в раце потковува коњи и маски. Овие животни за товар се сé поретки. Затоа сопствениците го бараат по телефон да им ја ,,обуе,, стоката со потковици и плочки. Не му тежат 66 години, оти од својата деветгодишна возраст е со животните, кои, како што вели, можат да бидат опасни и да осакатат. Имал и немили искуство. Кога маска му ја однесла вилицата и докторите одвај го ,,составиле,,. Неколкупати добитокот му ја скршил раката, а еднаш куртулил кога му настрадала ногата.

Џеко и ден-денска потковува добиток. Ама не е како некогаш да му ги носат коњите или маските на дуќан зад Градската кафеана. Тој со автомобилот и алатот в торба оди по селата прилепски, битолски, крушевско, кавадаречки, дури и до охридско и мавровско да ги спаси добитците да не тргаат мака и да газат на копитата, а не на потковиците.

Со семејното ,,налбатско богатство,, ја одржува традицијата на турското семејство Керимоски. Не ја остава запрегата ,,боса,, да ги аби нозете и брзо да папса.

-Од памтивек сме налбати. Азбуката на занаетот ја совладава од татко ми Фаик, а тој од дедо ми. Занаетот ни е во крвта, семејна ризница. За жал, немав ксмет некој да подучам и со мене да не исчезни занаетот. Имам две ќерки, а ова работа е машка и тешка. Не е лесно да се бориш со животни да им поставуваш потковици. Стоката не е човек да ја убедиш дека í правиш арно. Потковиците траат 3-4 месеци. Но, лесно може да се настрада. Како со жилет се сече копитото. Знаењето е во секачот да не го допре нервот и во клинецот да не го погоди осетливот дел од копитото. За десетина минути стоката добива железни ,,чевли,,, ако е мирна. Ако заковаш чурук, главата може да ,,летне,,. Загина налбат пред повеќе децении. Маска со клоцање го удри и почина. Тие се мошне чувствителни, а некои погани. Мрдаат, удираат чивтиња и не даваат да се потковаат. Има марифет да се скротат со ставање на матикуле на устата, јарач. И тоа не е гаранција. При потковање на предните нозе, знаат со задните да удираат напред и да алосаат. Така маска ми скрши нога и со месеци не станав од кревет. Два – три пати при ковање ме треснуваа коњи и ми ги кршеа рацете.Ме чувал Господ, којзнае како не сум осакатен. Маска ми ја однесе вилиците и одвај докторите ме составија да не одам курбан во ,,борбата,, со запрегата – кажува Џеко.

dzeko nalbat 1

Од налбатскиот занает не се живее, оти исчезнуваат коњите и маските. Магарињата ги има само на сликички, а вол не потковал 40 години,

Жали што нема машки потомок да ја продолжи налбатската традиција на фамилијата. Младите тргнале по модерни занаети, компјутери, телефони, таблет, лаптопи…

-Нема ниту некој млад да се заинтересира да му ја пренесам вештината на потковувањето, а некогаш налбатлукот куќа ранеше. Ретки се и материјалите. Потковиците ги купувам од единствениот производите од Кочани, а специјалните клинци се турски увоз. Плочките веќе не се прават. Не се практични и се со помала трајност. Така грвелкам. Сета среќа што зедов пензија – вели Џеко налбатот.

Докторски марифет

-На многу добитци сум им го спасил животот од зорлама. Кога ќе им се шини ногата, не можат да се движат, криват. Со марифет се пушта крв со боцкање под налчето, па со крпа се третира копитотот со газија. Добитокот престанува да криви за две-три недели.

Loading