БРЗИ МЕРКИ И ДА НЕ СЕ ЧЕКА ДОЛГО

Сашо Наумоски – директор на Витаминка

„За да им се помогне на компаниите во време на криза, неопходно е да се носат брзи мерки, и да не се чека предолго“

naumoski

Ова за порталот Фактор го изјави Сашо Наумоски, директорот на Витаминка.

Тој објаснува дека поради коронакризата, првичниот шок бил голем.

-Шокот беше голем, пред сé, поради тоа што немаме искуство за работа во вонредна состојба. По препораките на Владата, се соочивме со потреба од комплетна реорганизација поради недостаток на вработени, бидејќи повеќе од 10 отсто заминаа дома. Ја укинавме работата за викенди, ги затворивме погоните од кои имавме залихи на готови производи за еден месец. Со реорганизацијата успеавме да постигнеме реализација на нормален месец, односно резултатите беа исти како во март лани. Забележително беше зголемена продажба кај маслото за јадење, што е резултат на забрана за извоз од Србија, а второ поради вонредната состојба, купувачите, правеа залихи. Голема помош имавме од вицепремиерката Мила Царовска во поглед на мерките кои се преземаа за возачите непречено да го спроведуваат транспортот како на производи, така и на суровини од странство. Ни се овозможи непречено да носиме сурово масло од Бугарија, каде не е забранет извозот за нас. Со добрата реорганизација и големото залагање на вработените во фабриката за масло, одговориме на барањата на купувачите и маслото Брилијант во секој момент го имаше на полиците – објаснува Наумоски за Фактор.

Тој се надева дека новонастаната ситуација со КОВИД-19 ќе помине брзо и ќе се нормализира животот, а со тоа и секојдневните обврски на секој од нас.

За мерките кои ги презентираше Владата за економската криза, Наумоски вели дека во овој момент не може да даде оценка, со оглед на тоа што никој од нас нема искуство во ваква ситуација.

-Не верувам дека има некој кој би знаел да каже што е најпаметно. Може тоа да се види и од мерките во регионот. Ако имаше унифицирано решение, сите ќе имаа слични или исти мерки, а во регионот секоја држава носи различни мерки. Секако е повеќе од добро да се носат мерки, треба брзи мерки и да не се чека долго. Ако се зголеми времето на чекање, тоа носи состојба на агонија, а таа ја зголемува паниката во бизнисот” – објаснува Наумоски.

Во Витаминка внатрешно се реорганизирале, ги менаџираат залихите, кои за речиси сите производи ги имаат за повеќе од три нормални месеци, ја зголемиле телефонската комуникација со купувачите соодветно да одговорат на потребите на пазарот.

-Се надеваме дека нема да имаме проблеми со транспортот. Пред една недела заминаа наши производи за Норвешка, Белгија, Шведска, Швајцарија… И немаше проблеми. Владата мора да не следи и брзо да реагира околу транспортните проблеми, како за извоз, така и за увоз на суровини и репроматеријали – објаснува Наумоски.

Додава дека во ова ,,невреме,, каде стравува за својот живот, добро е да се увериме колку е важно домашното производство.

-Ние сме тука, и во добро и во лошо. Немаме друга земја да се грижиме! Сите заедно ја делиме истата судбина. Се грижиме за нашите најблиски, за нашите роднини, вработени, соседи, сограѓани. На првиот ваков проблем некои земји, чии производи се застапени кај нас, ги затворија границите за брашно, масло, шеќер, лекови… без нималку грижа. До крај ќе се трудиме да ги задржиме сите вработени, да не намалиме плати, да немаме пад на приходите, за да не дојдеме во ситуација да аплицираме за помош – нагласува Наумоски за Фактор.

Loading