ФИНАНСИСКА ПОДДРШКА НА РАБОТОДАВАЧИ ПОГОДЕНИ ОД КРИЗАТА ОД КОВИД 19

Владата го донесе вториот сет економски мерки за справување со кризата

Економските мерки се дизајнирани во консултација со Економскиот совет и со врвни експерти најавија од Владата.

Со мерката 1 се предвидува финансиска поддршка за правните субјекти од приватниот сектор погодени од здравствено-економската криза предизвикана од вирусот КОВИД-19. Тоа е финансиска поддршка во исплатата на платите на работниците кај работодавачот-барателот за април и мај 2020 година, најмногу 14.500 денари месечно по работник. Ќе биде отворена владина програма за финансиска поддршка на работодавачите, погодени од здравствено-економската криза предизвикана од вирусот КОВИД-19. Работодавачите, правни субјекти од приватниот сектор самостојно ќе ја исплатат платата на редовен начин преку алатката „Месечна пресметка за интегрирана наплата” на УЈП. Работодавачите од приватниот сектор баратели на финансиска поддршка ќе треба да исполнат неколку услови за да ја користат мерката: да не исплаќаат дивиденди на сопствениците како и бонуси, годишни награди, награди за деловна успешност и сл. на вработените и членовите на органите на управување и надзор на работодавачот, да имаат најмалку 30 % намалување на приходите споредено со просекот од лани, односно сезонскиот просек за работодавачите кои вршат сезонска дејност. За месецот за кој се бара финансиска поддршка, просекот на делот на највисоките нето плати на 10% од бројот на вработените кај работодавачот-барател на финансиска поддршка, да не надминува 120.000 денари месечно по вработен.

Финансиската поддршка не се однесува на вработените кои за декември 2019 година, јануари и февруари 2020 година примиле нето плата повисока од 39.900 денари. Работодавачите што ќе добијат финансиска поддршка од оваа мерка имаат обврска да го задржат истиот број на вработени што го имале во моментот на аплицирање заклучно со септември 2020 година. Добиената финансиска поддршка нема да ја враќаат работодавачи што искажале загуба за 2020 година. За останатите враќањето е лимитирано до износ од 50% од добивката пред оданочување, зголемена за оданочените расходи. Оваа мерка ги опфаќа и медиумските правни субјекти од приватниот сектор, под истите услови.

За самостојните вршители на должност, односно сите занаетчии како автомеханичари, фризерки, бербери и други, да имаат пристап до оваа мерка, ќе биде донесена дополнителна уредба.

Субвенционирање на 50% придонеси на плата: за погодените компании Влада воведува 50% субвенција на придонеси. Оваа мерка е алтернатива со нето плата. Критериумите за користење на двете мерки ќе бидат објавени во дополнителна уредба. Донесени се мерки и за помош за спортистите, за уметниците, за граѓаните што останале без работа поради кризата, во висина од 50% од просечната плата на работникот.

Loading