ДОБРО ПРВО ПОЛУВРЕМЕ СО ЗВЕЗДА

Фудбал: Пријателски меѓународни младински мечеви на Победа

Сениорите в сабота играат со Осогово

Pobeda

Фудбалскиот клуб Победа воспостави значајни релации со два клуба од Србија, Вождовац и Црвена звезда, според што произлезе одигрувањето на пријателски младински меѓународни натпревари. Мечевите беа на теренот со вештачка трева од СРЦ ,,Атина Бојаџи” во Охрид. Прво, против Вождовац одиграа младите категории на возраст меѓу14 и 18 години. Генерацијата родена 2006-та загуби со 1-3, таа од 2004-та изваде 1-1, а 2006-та загуби со 1-2. Последниот натпревар го имаше еипата со играчи родени 2003  и помлади, кои дадоа отпор при поразот со  2-3. Кулминација беа пријателските дуели против Црвена звезда, клубот со европско реноме, чии млади играчи се со висока цена на европскиот пазар. Во средата одигра генерацијата 2003-та. Во првото полувреме е даден силен отпор со резултат 0-1, но во вториот дел низ многу измени е расипан впечатокот со конечен резултат од 0-6. Вчера беше и дуелот на генерацијата 2002-ра.

И сениорската екипа на Победа продолжува со пријателски натпревари. Откако на четирите пријателски меча беа постигнати исто толку победи, со гол-разлика 8-1, следеше пораз од 1-2 дома со Преспа. Единствениот гол го даде Дунимаглоски.

-Нешто поправивме, некои слабости кои ги видовме се уште ги поправаме. Многу тешко ќе биде оти мораме да се искачиме од осмото кон шестото спасоносно второлигашко место. Секако дека покрај успеси ќе има и ,,киксови”, наши и на конкурентите. Имаме доста млади и неафирмирани играчи кои треба да го надминат товарот од дадената задача. Секој меч ќе биде квалификациски, но нема да се предаваме до крајот – порачува Дарко Крстески, тренерот. 

Шестиот и последен тест-меч е закажан за в сабота на Могила, со Осогово.

Loading