ТУТУНОТ ДЕНЕС НА ВАГА, А ПАРИТЕ УТРЕ НА СМЕТКА

Понеделнички тргнува откупот во Тутунскиот комбинат

Исплата на родот за 24 часа,  со исклучок на викендите

stankoski

Се отвораат портите на откупните пунктови на Тутунскиот комбинат (ТКП) понеделнички. Се активираат вагите и проценката на годинашниот род. Додека ТКП остварува позитивни финансиски резултати, менаџментот информира дека плаќањето на преземените количества ќе се врши од денеска за утре или за 24 часа со исклучок за викендите. Се предвидува да се складираат за преработка околу три илјади тони. Тутунарите ги тријат рацете, оти проценка е дека бербата е подобра од лани.

Директорот Кирил Станкоски вели дека ТКП е подготвен за откуп. Средствата за околу 4000 тутунопроизводители, кооперанти, се обезбедени. Контролите на државата дадоа виза за старт на откупната кампања.

– Задоволни сме од квалитетот во споредба со лани. Се надеваме дека до Нова Година ќе преземиме и ќе платиме најмалку половина од договорените количества. Ќе плаќаме дневно – денес откуп, утре пари на сметка. Откупот ќе трае до 28 февруари. Мислам дека ќе завршиме порано – вели Станкоски.

tutun otkup

Инаку, ТКП го негува и го унапредува стратешкото партнерство со Филип Морис. Поголем дел од откупените количества се за оваа реномирана компанија.

ТКП планира да ги продлабочи односите со тутунопроизводителите со поддршка во репроматеријали, заштитни средства и авансирање.

По децении, за девет месеци првпат добивка

Над сто илјади евра ќар

ТКП првпат по 20 години создаде позитивен биланс. Веќе е продуктивна компанија. Тоа е индикатор дека компанијата ги зацврстува деловно финансиските позиции. Џинот кој до вчера беше на стаклени нозе, се буди и почнува да ниже позитивни ефекти. Од компанија загубар, се транформира во профитабилна фирма со светла и извесна перспектива и можности за забрзан развој. 

tkp

– Се враќаме на старите добри патеки од 70-тите и 80- тите години, кога компанијата цветаше. Плодовите од работата стигнаа со позитивна завршна сметка. Ова е историски момент. До септември добивката е 6,8 милиони денари. Годинава имаме значителен раст на приходите и пад на трошоците. Се надеваме дека ќе ја зголемиме добивката до крајот на годинава. Планираме и наредната година да ја завршиме со позитивно салдо – вели Станкоски.

ТКП очекува збогатување на палетата на производи во фабриката за цигари. Не е исклучена можноста за извоз во соседните држави. Така, расте продукцијата на Марлборо, покрај Честерфилд и Бонд. Поради задоволување на сите услови и стандарди на Филип Морис, се преговора за преземање на целата палета од Марлборо во Прилеп. Затоа се осоверемува не само техничкиот дел, туку и амбиентот, условите и се усвојуваат критериумите.  ТКП се подмладува и со ангажман на стручен кадар.

Loading