ФИНАНСИСКИ ВЕТЕР ВО ГРБОТ НА КОМФИ АНГЕЛ

comfy1

Владата ќе поддржи финансиски дел од инвестициите на компанијата Комфи ангел. Прилепската фирма е дел од над сто компании кои добијаа финасиски ветер во грбот. Според вицепремиерот Кочо Анѓушев, изборот на Комфи Ангел бил полн погодок.

-Средствата се само 10 отсто од инвестициите. Остатокот е од сопствениците. Станува збор за вложување во модернизација на машинскиот парк, осовремување на производството за поголема продуктивност и раст на конкурентноста на компанијата на светските пазари. Комфи Ангел е извозно ориентирана, работи за реномирани светски брендови и очекуваме со поддршката да го зголемува производството и извозот – изјави Анѓушев.

Државата нема да дава пари унапред, туку само на финансирани инвестиции. 

-На крајот на 2018 година ќе се направи поврат вложеното во 2017 година. Компаниите кои инвестираат годинава, средствата ќе им се вратат до крајот на 2019 година – рече Анѓушев .

-По 14 години, првпат од постоењето на Комфи Ангел добиваме владина финансиска помош. Помошта е добредојдена. Планираме продолжение на инвестициите во зголемување на степенот на извоз и стабилизација на работната сила и зголемување на животниот стандард. Нужен е континуитет во инвестициите во техничко-технолошкиот развој. Процесот на технолошката револуција и индустријализација број 4 е веќе длабоко почнат. Доколку сакаме да градиме економски раст на компанијата, мора да се носиме со сите предизвици – истакна Ирена Јакимоска, менаџер на Комфи Ангел.

Таа ја поздрави одлуката на Владата за намалување на казните и глобите.

Анѓушев одговараше на прашања на бизнис секторот на седницата на управниот одбор во проширен состав на регионалната стопанска комора.

Двајца странци го меркаат Еурокомпозит

За судбината на Еурокомпозит, Анѓушев рече дека две странски компании се заинтересирани да инвестираат во прилепската фабрика.

– Два странски инвеститора понудија купување на Еурокомпозит со решавање на заостанатите плати на вработените. Сакаме да има иднина  компанијата. Процесот е бавен. Отпремнините ќе се исплаќаат како што има средства во компанијата – рече Анѓушев.

Loading