СТИХОТ ЈА ПРЕБОЛУВА СЕКОЈА ТАГА

Промовирана стихозбирката „Ноќта кога се распадна“ од  гимназијалката Христина Петкоска

Hristina Petkoska

Љубовта е творечка преокупација на многумина. И матурантката Христина Петкоска не може, а да не ги искаже своите чувства за силата на љубовта низ песни. Собрани во стихозбирката со наслов “Ноќта кога се распадна”, песните ја видоа светлината на денот. Христина Петкоска е матурант во прилепската гимназија “Мирче Ацев”, а во стиховите пишува за чувствувата и болката кога љубовта е отфрлена.

– Зошто сакам да пишувам?! Пишувањето доаѓа од себе, обично во ноќните часови кога имам потреба да разговарам со некого, но се плашам дека ќе бидам сфатена погрешно, па сите тие чувства ги запишувам на хартија. Така се раѓаат моите песни. Кога пишував, никогаш не помислив дека моите песни еден ден ќе бидат достапни за секој да може да ги прочита. Поезијата ја сфаќам како бегање од реалноста и целосно предавање на моите чувства на хартијата, еден вид справување со болката и тагата. Најчеста инспирација ми е љубовта, но не онаа убавата каде сé е розево и сјајно, туку потемната страна на љубовта, стравот од напуштањето, заборавањето, солзите кои доаѓаат после секое скршено срце, кога нема веќе причини да се бориш за нешто, па целосно и се предаваш на тагата. Сé што не можеме да го преболиме, го предаваме на поезијата, а стихот преболува за нас. Пишувам и проза, но во поезијата повеќе се пронаоѓам. Убаво е кога знаеш дека со нешто и на некој начин можеш да допреш до нечие срце, па макар и да го потсетиш дека болката и тагата кои денес ги чувствуваме, утре ќе останат само бледи спомени кои ни биле од големо значење да научиме да живееме со нив и да се изградиме како личности. Сакам образованието да го продолжам, најверојатно на факултет каде ќе изучувам некој јазик – вели Христина Петкоска.

Промотор на книгата беше професорката по македонски јазик, Ленка Јованоска.

Loading