Фудбал: Слободан Крчмаревиќ, тренер на Победа
Имаше 12000 гледачи, а еден тапан неуморно тропаше 90 минути
Победа тргна со триумф над Работнички (2-0 со головите на Лега и Најдовски) што значи дека среќа донесе доаѓањето на стратегот Слободан Крчмаревиќ. Тоа и се очекуваше од човекот со богата играчка и тренерска кариера. Како играч блесна уште млад во ОФК Београд и Партизан, за да биде во списокот на Ивица Осим за Европското во Шведска 1992. Како тренер се покажа во повеќе домашни странски клубови, а ја водеше и Младата репрезентација на Србија, во чиј состав беа: Немања Матиќ од Манчестер јунајтед, Гојко Качар од Аугсбург, Зоран Тошиќ од ЦСКА и Партизан…
Како до Победа?
– Преку пријателите, кои ги стекнав многу низ кариерата. Да го спомнам Владимир Југовиќ, па неговиот соработник кој овде го доведе Небојша Стојковиќ, некогашен соиграч. Поради тоа што бев без ангажман, ја прифатив понудата од претседателката Ирена Јакимоска. Всушност, ја сакам Македонија и оттука сакав да дојдам каде што сум доаѓал некогаш, во Скопје, Битола…
Во Прилеп?
– Гостувавме со ОФК Београд во 1987 година. Загубивме со 2-1. Тоа беше Втора лига – Исток. Серпак го даде голот за нас. Бев млад играч, лево крило. Запамтив дека еден тапан горе на врвот од трибината непрестано чукаше во сите 90 минути. Околу 12 илјади гледачи имаше и затоа Прилеп ми остана во сеќавање како фудбалски град.
Сега?
– Гледам дека луѓето се амбициозни, се гради стадионот… Првиот впечаток е добар. Сепак, за подобри услови се одлучивме да одиме надвор од градов, во Охрид, на неколкудневни подготовки. Да бидеме наполно подготвени за наредниот меч во Кратово, со Силекс.
Првиот меч?
– Желбата и волјата беа на високо ниво. Многу тешко беше со Работнички, бидејќи уште во 23 минута останавме без исклучениот Гешоски, а потоа се повреди Карчески. Дури и Најдовски имаше болки, па си реков дали е ова можно, со толку малери на почетокот.
Работнички?
– Знаат да одиграат технички дотерано, организирани се. Затоа е добро што совладавме таков противник. Гледам дека триумф немало од ноември.
Вашите играчи?
– Го познавав Тофилоски, кого сакав да го земам во Лимасол од Кипар, 2010 година. Фантастичен голман. Сум слушнал за Јаќимовиќ, Крстески….
Прилеп?
– Градот е интересен и не е баш мал. Сигурно ќе имам можност да прошетам. Има што да се види тука.
Навивачите?
– Ваков град, со толку навивачи и во ваква ситуација да дојдат во Струмица, тоа е за почит. Силен впечаток ми оставија. Во Србија да немаш успех во серија, ниеден гледач нема да дојде. Од таму ме прашаа: Од каде јас во Прилеп? Луѓето овде се позитивни, го сакаат фудбалот. Толкав пат поминаа навивачите до Струмица. Што ли ќе биде ако се бориме за титула?
Пауза до 29 март
Поради репрезентативните настапи, пауза е во Првата лига до 29 март (четврток). Тогаш е мечот Силекс – Победа.
Табела: Шкендија 62, Вардар 46, Силекс 36, А. Пандев и Шкупи 29, Работнички 28, Ренова и Победа 25, Пелистер 22, Скопје 20.