БОРБА МЕЃУ СВЕТСКИ И ЕВРОПСКИ ШАМПИОНИ

Моделарство: Викендов се светските купови “Прилеп” и “Македонија”

– Организатири се ВФМ и Фил – Феникс

modelariВикендов се значајни меѓународни спортски манифестации во воздухопловно моделарство “Трофеј на Прилеп” и “Светски куп Македонија”, во организација на Воздухопловната федерација на Македонија и Воздухопловниот спортски клуб “Фил – Феникс”. Настанот е важен за градов и пошироко за државава, која негува 60-годишна традиција, базирана на одлична местоположба, поволни метеоролошки карактеристки и посветеност кон овој вид редок и екстравагантен спорт. На ваков начин е валоризацијата низ влегување во семејството држави кои имаат капацитет за организација на врвни светски натпревари.

Куповите одамна се во меѓународниот календар. Оттука очекувано привлекоа 80 натпреварувачи од 16 земји, што е бројка за почит. Моделарите се со највисоки перформанси. Има светски или европски шампиони во одделни дисциплини. Акцентот е врз слободнолетечките модели од пет категории: Ф-1-А едрилици, Ф-1-Х едрилици со помали крилја, Ф-1-Б модели со гумен мотор, Ф-1-Ц и Ф-1-П модели со клипен мотор и Ф-1-К модели со погон на електромотор. Главните фаворити за победа на светскиот куп се Роланд Коглот од Словенија, првопласиран и Пер Финдахл од Шведска, второпласираниот во едрилици. Овде Андрија Пешиќ од Србија се бори за пласман меѓу тројцата најдобри светски јуниори.

Интересни се и возбудувањата кои претстојат во категоријата Ф-1-Б. Таму Србинот Бојан Гостоиќ, првак за јуниори, се бори за пласман кај првопласираните петмина сениори. Жестока конкуренција се најавува и во Ф-1-Ц каде главно име е Рајнхард Трупе од Австрија, кој се бори да освои бодови за пласман на третото место. Во групата на Ф-1-П младата јуниорка Елисавета Климакова ќе настојува да освои пресудни бодови за задржување на првото место во генералниот пласман. Минатогодишниот победник во светскиот куп, Жељко Грепл од Хрватска и овојпат ќе се обиде да го повтори успехот или да биде меѓу најдобрите тројца во Ф-1-К.

Натпреварите се в сабота и в недела (8,30 ч.) на Спортскиот аеродром кај Мало Коњари.

Loading