РАБОТА МОЖЕ ДА БИДЕ ЗГРИЖУВАЊЕТО НА ДЕЦА

harmonijaЗгрижувач на деца без родители и други деца од ранливите категории, како и на старо лице со телесна попреченост или со пречки во развојот може да добива надомест по осум илјади денари месечно до крајот на животот. Центарот за социјални работи го афирмира вонинституционалното згрижување на децата без родители и други загрозени категории. Практично, се поттикнува згрижувањето под поволни услови на десет деца, за кои се бараа семејна топлина и дом. Веќе 24 прилепски семејства широко го отвориле срцето и згрижиле 42 туѓи деца повеќе години. Дури и четири згрижувачи добија и пензии.

Директорот на Центарот за социјални работи Снежана Јованоска вели дека децата е нужно да ги уживаат сите права.

– Згрижувачкото семејство добива месечен надоместок за трошоците за сместеното лице и за згрижувањето. Надоместокот за трошоците за сместеното лице изнесува 6.250 денари, а за згрижувањето е 1.875 денари. Или, вкупно 8.441 денари за деца без родители од предшколска возраст или 9.740 денари за деца од школска возраст. За одгледувањето на деца со различни пречки во развојот има повисоки надоместоци. Или 11.039 денари за лице со умерени и тешки пречки во менталниот развој – објаснува Јованоска.          

Згрижувачи може да бидат полнолетни лица, кои се деловно и здравствено способни и остваруваат приходи над социјалната помош, а не се постари од 65 години или разликата меѓу згрижувачот и детето да не биде поголема од 45 години. На потенцијалниот згрижувач не треба да му биде одземено или ограничено родителското право, да нема пресуда за кривично дело со казна затвор повеќе од шест месеци, да располага со материјални и станбени услови и да е обучено за згрижувач.

Центарот може да даде виза за сместување на најмногу пет деца во едно згрижувачко семејство, имајќи ги предвид условите и можностите за сместување.

Пензија за Ганимед Алиова

Шеесет и тригодишната Ганимед Алиова доби државна пензија од осум илјади денари, поради згрижување на деца најмалку пет години. Покрај своите четири деца, Ганимед 11 години ја дарува со семејна топлина и прегратка сега веќе тинејџерката со пречки во развојот од Штип, Касандра. Со сопругот Маџит ја опсипуваат со родителска љубов својата миленичка од петгодишна возраст.

– Одгледуваме дете не само да го земеме надоместокот, кој годиниве се движеше од осум, па сега речиси до 14 илјади денари, туку да им подариме прегратка и насмевка, а не да им го свртеме грбот на децата на кои и природата им згрешила. На Касандра í го ублажуваме хендикепот и стана седми член од нашата куќа – кажува Ганимед која додава дека Касандра станала нивна ќерка и тие за нејзини родители, мајка и татко.                   

Сопружникот на Ганимед вели дека детето секогаш е стоплено, најадено и облечено. Еднакво е на трпезата. Го носеле на забава и на социјализација и во дневниот центар за деца со посебни потреби. Касандра не посетува специјално училиште.

Loading