АСФАЛТ ВО ИНДУСТРИСКАТА ЗОНА

Со поддршка на Владата и грантот од Светска банка

StavrevskiЌе се доасфалтира сообраќајната инфраструктура во индустриската зона Прилеп 1, каде се откупени плацеви од 20 домашни инвеститори. Градот доби грант од Светска банка од 8,5 милиони денари да ја доуреди зоната во која веќе се градат седум капацитети. Прилеп ги доби средствата од Министерството за финансии, а обезбедени од Светска банка. Потпишувањето на договорот со општина Прилеп и користењето на грантот е заради тоа што претходно успешно е реализиран проектот за изградба на влезот во градот.

Министерот за финансии Зоран Ставревски нагласи дека Владата останува посветена на поддршката на Прилеп.

– Не само со овој проект, туку и со други проекти, меѓу кои е и Пречистителната станица. Посветени сме на креирање и на одржување добри услови за домашните фирми, решавање на прашањата и истовремено, активно привлекување на странските фирми кои отвораат илјадници работни места како американскиот Гентерм во ТИРЗ Алинци, каде веќе има 340 вработувања и очекување на ангажман до 2000 лица – рече Ставревски.

Во Прилеп 1 направена е комплетна канализациона, водоводна мрежа, донесена е електрична енергија. Се асфалтираат улиците.

– Асфалтирање ќе овозможи инвеститорите кои купија плацеви во зоната да ја забрзаат градбата на фабриките – вели градоначалникот Марјан Ристески.

Вицепремиерот Ставревски и бизнис секторот на средбата разменија информации и искуства за идни заеднички настапи пред фондовите на Европската унија.

Ставрески ја посети компанијата Комфи ангел каде постојано има инвестиции. Присуствуваше и на караванот “Купи куќа, купи стан”,  преку кој проект речиси 700 семејства го решија станбеното прашање.

НАМАЛЕНА НЕВРАБОТЕНОСТА

“Владата оствари најдобар резултат, намалувајќи ја невработеноста на 26,8 насто, а до 2018 г. ќе биде под 22 проценти”.

Ова го нагласи Ставревски, конкретизирајќи дека невработеноста во Македонија е намалена за една третина. Резултатите се плод на бројни реформи. За пет месеци има 357 нови вработувања само во Прилеп преку проектот “Македонија вработува”.

– Почнуваме да го решаваме клучниот проблем на граѓаните – невработеноста – рече Ставревски.

Во ноември

ЗАПОЧНУВА ИЗГРАДБАТА НА ЕКСПРЕСНИОТ ПАТ 

Со 42 милиона евра од европската банка за обнова и развој во ноември почнува градбата на патот Дреново – Плетвар.

– За околу два месеца, ќе почне изградбата на патот Дреново-Плетвар, на најлошиот дел од делницата околу клисурата. Ќе биде изграден пат со по две ленти во двете насоки. Инвестицијата од 42 милиона евра е поддржана од Европската банка за обнова и развој. Патот ќе помогне да се подобрат условите за стопанствениците и за граѓаните – најави Ставревски.

Loading