ИМИЏ НА КВАЛИТЕТНА ВОСПИТНО-ОБРАЗОВНА ИНСТИТУЦИЈА

Петдецениски јубилеј  на ОУ “Рампо Левката” 

– Преку проектот “Дете правобранител”, група ученици отпатуваа за Швајцарија да учат за правата на децата

– Видео спот за успешно постоење

1Педесетгодишниот јубилеј на ОУ “Рампо Левката” се совпаѓа со прославата на патрониот празник. Училиштето со полувековна традиција, од година во година, станува сé поудобно катче за градење на образованието, но и пријатен амбиент за пренесување на знаење и воспитување на младите генерации. И учениците и наставниците слават успешен нагорен óд во зградата во која постојано се гради имиџ на квалитетна образовна институција, која и ден денес го краси влезот на градот. На свечената академија во театарот, пред присутните почитувачи на делото на народниот херој чие име го носи училиштето, директорот Катерина Чавлеска Трпкоска изрази задоволство, но и обврска, што е на чело на колектив полн со енергија и самопрегор и што знаења стекнуваат и стекнувале идни доктори, специјалисти,  или сегашни научни работници и еминентни стручнаци во различни области.

– Учениците доаѓаат и одат. Наученото е драгоцено и останува. Тоа темел на секој интелект. Користа се согледува и во нивната способност да ги разберат работите поинаку од нас. Создавањето на репутацијата и имиџот беше долготраен и макотрпен процес. Освоените бројни награди на разни натпревари охрабруваат и мотивираат и понатаму да се залагаме да го добиеме епитетот најдобри, заедно со учениците и наставниците – вели Чавлеска Трпкоска.

Рој активности и награди

2Целиот детски талентиран потенцијал подготвуван од наставниците е активен учесник на сите локални, државни и меѓународни натпревари и манифестации. Не изостануваат и наградите, како на Детски семафор. Не можат да не се забележат и спортските резултати. Кошаркарите не загубиле меч и гордо го држат првото место. Проектот “Дете правобранител” е единствен што се спроведува во ОУ. Затоа група ученици отпатуваа во Швајцарија, каде ќе учат за правата на децата.

Дел се и од манифестацијата Етно ден, во која, покрај негување на традицијата кај учениците, се развива и подига свеста за соживот меѓу националностите. Како резултат на соработката со Музејот, со проектот “Музеите во училиштата и училиштата во музеите”, учениците снимаат мали приказни посветени на минатото, преку кои се запознаваа со фолклорот. Во рамките на Еко акциите, нижат низа манифестации, како засадување на цвеќиња, возење на велосипеди, пешачење, собирање на стара хартија, пластика и сл. По разни поводи, како Нова година, 8-ми Март и Велигден, организираат панаѓури со хуманитарен карактер. Посебен акцент за учество и награди, може да се пофалат со карневалот Прочка. Учествуваат традиционално секоја година, и на изложбата со маски, и на карневалот, на кој не пропуштаат да не освојат награда. Новитет е дружењето со учениците од ОУ “Душан Радовиќ” од Нови Сад, кои им беа гости за време на карневалските денови. Претставувајќи се во најдобра светлина, училиштето ја возврати посетата. Стекнатите искуства и пријателства остануваат како аманет за негување и одржување на контактите.

Со полна пареа се следи проектот “Заедничка грижа за подобри ученици”, каде организираат низа активности заедно со наставниците, родителите и учениците, како Поетско попладне, Родителот е наставник, отворени родителски средби, панаѓури, посета на театар и кино. Лани стартуваа со традиционалното поетско читање за денот на Македонската револуционерна борба, на кое зедоа учество ученици од целиот регион.

Видео спот на учениците за јубилејот

3Свечената академија за патрониот празник беше посветена на 50-годишнината. Учениците од рецитаторската и литературната секција под менторство на Роберт Ристевски рецитираа песни посветени во чест на животот и делото на нивниот патрон. Училишниот хор под диригенство на Валентина Јовческа ја испеа химната, а потоа одлично ја изведе и француската шансона “Вои сур тон шемин”. Пофалници им се доделија  на заслужни ученици, а благодарниците отидоа во рацете на организациите кои соработуваат со училиштето. На градоначалникот Марјан Ристески, му беше врачена плакета во знак на благодарност за безрезервната поддршка. Учениците изенадија, како шлаг на торта, со видео спот снимен за петдеценискиот јубилеј. На крај, гостите ги почестија со коктел во фоајето на театарот. 

Патрониот празник и годишнината се одбележаа и со почит на патронот, Рампо Левката, чие име гордо го носи училиштето. Ја посетија неговата родна куќа и положија свежо цвеќе пред споменикот пред судот и на Могила.

Беше организирано и литературно читање. Уникатни беа со ликовната работилница, на која, учениците од сите училишта цртајќи, ја покажуваа креативноста цело попладне. Традиционално, славејќи ги патроните празници, ги одиграат спортските мечеви со ОУ “Добре Јованоски”.

Постојано се вложува во училиштето

4Со средства од 1,8 милиони денари од локалната самоуправа, променета е електричната мрежа на сите три ката. Наскоро ќе се реновираат и санитарните јазли со 1,2 милиони денари. Со 300 илјади денари од локалната самоуправа подготвена е уште една училница за децата во подрачното училиште во селото Селце.

Првиот детски џагор во тогаш најновото училиште се чул на 3-ти септември 1965 година. Имало два дена задоцнување оти новиот објект не бил доопремен со потребниот инвентар. Битно било децата да влезат на настава во нова, најмодерна зграда, за чија градба биле вложени 200 милиони динари. Директор на 1083 ученици и поголем наставнички и друг персонал бил Славко Богатиноски.

Loading