КИНИСА МАРЛБОРО

Во Тутунскиот комбинат

– До крајот на годинава бришење од списокот на загубарите

– Годинава се очекува битка за квалитетен тутун

TutunskiИновацијата на популарните цигари Марлборо, моделот флејвер плус на Филип Морис, веќе се произведуваат во фабриката за цигари на Тутунскиот комбинат (ТКП). Според првиот човек, Александар Дерменџиев, заедничкото друштво на двата стратешки партнера, ТКП и Филип Морис, има извонредна продажба на цигари. Нема место за стравување на тутунарите, зашто родот годинава е поквалитетен, иако потфрли квантитетот. ТКП ќе го плати презмениот тутун за една недела, а откупната кампања треба да почне најдоцна до 15 декември. Обезбедени се пари за преземање на околу три илјади тони, чиј поголем дел веќе е договорен за стратешкиот партнер, Филип Морис.

Некогашниот гигант во тутунската индустрија со распаѓањето на ЈУ пазарот, повеќе од 20 години стоеше на стаклени нозе и нижеше загуби. До крајот на годинава се очекува да исчезне од друштвото на загубарите.

– Почна производството на Марлборо, флејвер плус. Пласманот ќе се случи брзо. Лансирањето да оди непречено се прави одредена резерва. Станува збор за посебно иновативен формат, што ќе биде новина на македонскиот пазар. Имаме уште една линија што треба да се активира и да се подготват нови иновативни формати какви досега немало – објаснува Дерменџиев.

Без предизвикување турбуленции, социјални и политички, туку доброволно, ТКП пролетоска ја реши превработеноста. Се ослободи од 550 работници со отпремнина од седум милиони евра, односно со максимум 15 илјади евра по вработен. Сега се ангажирани над 400 луѓе.        – Уште има интерес за социјалниот пакет. Бараме начин за обезбедување на средства. Уште има вишок на вработени, но и кусок, поради несоодветната структура. На некои позиции се повеќе, а на други недостасуваат луѓе. Без претерани анализи, блиску до реалноста или до идеалното, би било добро да понудиме стотина дополнителни пакети и да примиме триесетина души, како “свежа крв” за структурално подобрување. Доколку немаме средства, оти најголемиот проблем го решивме, со овие 550 и веќе не гори под нозе, можеме постепено да го решаваме прашањето со природно заминување во пензија. Проблемот сега не е толку страшен како претходно со илјада вработени. Тимот успеа да ја изработи оваа промена брзо и ефикасно, за еден месец, без да се претрпат последици ниту кај вработените, ниту во процесот. Немаше крах на системот – вели  Дерменџиев.

Додека се собираат последните, најквалитетни листови тутун од годинешната берба, менаџментот на ТКП прогнозира дека годинешната сезона на откупот на тутунот ќе биде во знакот на поголема побарувачка од понуда. Според проценките на ТКП, родот е поквалитетен, но количествата се намалени. Затоа се очекува битка меѓу откупувачите за килограм тутун повеќе.

Според проценките на Дерменџиев, во земјава се произведени околу 19 илјади тони, а откупувачите склучиле договори за 24 илјади тони. 

– ТКП има договори за откуп на 3,1 илјади тони со толеранција од 10-15 отсто. Преземаме обврски да обезбедиме средства и да ги откупиме количествата. Обврски имаат и кооперантите да го предадат тутунот, ако нема објективна причина. Законот предвидел и санкции. Со стратешкото партнерство, веќе е обезбеден пласман за новата реколта. Како лани, нема проблеми со средства, што секогаш било рак-рана. Навреме ќе ги обезбедиме средствата. Кооперантите да не се нервираат дали ќе им биде откупен родот. Сите договорени количества ќе ги преземеме и навреме ќе ги платиме. Да ги мотивираме кооперантите, размислуваме да го скусиме рокот и да не биде  подолг од една недела – вели Дерменџиев.

Тој не стравува за количествата и квалитетот, зашто ТКП, по традиција, соработува со најдобрите тутунари. Само од Прилеп, ТКП ќе преземе околу 60 отсто, односно најквалитетниот тутун, а остатокот од населените места.

ТКП секоја година постигнува највисока просечна цена поради високиот квалитет.

– Очекуваме и годинава, оти кооперантите се истите, помалку или повеќе – додава Дерменџиев.

Генералниот директор објаснува зошто обработката на тутунот се врши во Кавадарци, а не во Прилеп.

– Филип Морис бара стандарди, т.н. софт драј технологија и пакување во картонска амбалажа. Не располагаме со таква опрема. Во спротивно постои опасност тутунот да мувлоса. ТКП не вложувал во обновување на опремата повеќе од 30 години. Да ги задоволиме потребите на Филип Морис, кому сме му добавувачи на обработен тутун со договор за продажба, додека не ја обезбедиме таа технологија, се обработува во кавадаречката фирма Алијанс уан – кажува Дерменџиев.

Најстарата компанија со погледи во иднината постепено технички ќе се усовршува.

– Неопходно е да ја обезбедиме потребната опрема. И билансите треба да покажат позитивно салдо. Тоа би бил друг третман кај банките. И тие би биле спремни да нé следат со кредит за инвестиција за технологија од околу 4-5 милиони евра – најавува Дерменџиев.

Според него, едно од барањата на Филип Морис, кое интензивно се имплементира, е примената на добра агрономска пракса и неупотреба на детски труд. Реонските служби на теренот вршат едукација на кооперантите. Се прават интервјуа, се држат семинари и обуки.

Во ТКП владее оптимизам. Билансите кажуваат близина до позитива по толку децении загуби.

– Очекувам да излеземе од списокот на загубарите и да бидеме реална фабрика. Радува трендот на нагорни движења во продукцијата на цигари и проширување на палетата. Очекуваме брзо да достигнеме позитива. Во вториот квартал загубата е намалена на 900 илјади евра, односно има тренд на намалување. Црвеното салдо ќе го сведеме на нула до крајот на годинава – категоричен е Дерменџиев, додавајќи дека редовно се сервисираат ануитетите и каматите на старите кредити.

Над 90 отсто од капиталот на ТКП е во државна сопственост.

Нема ран откуп

Раниот откуп во септември и октомври беше пилот проект неколку години.

– Заврши проектот, оти кооперантите не покажаа интерес. Идејата беше, доколку е успешно и корисно, да стане дел од законот и праксата. Веќе нема и законска можност. Измените се прилагодување кон реалноста. Откупот тргнува на 15 декември, а од 15 ноември течат формалностите за откупувачите за обезбедување документација за откуп – вели Дерменџиев.

Loading