НОН-СТОП СВЕЖ ЕМИШ

Фруит маркет

fruitСемејството Стојановски, познати по производството на соковите “Прима”, покрај со дистрибуција по колонијални дуќани, неодамна стартуваа со специјализиран маркет за овошје и зеленчук. Идејата за “Fruit market” никнала откако “откриле” дека при снабдувањето со колонијална стока на големо, овошјето се “трошело ко алва”. Потпирајќи се на долгогодишната соработка со фирмите, нашле канали за набавка и сега, после 3-4 години усовршување, се “прибрале” со пазарче меѓу четири ѕида.

– Идејата дојде од причина што нема дуќани за емиш, освен оние во склоп на колонијалните. Со магацинот за прехрана на големо раскрстивме, бидејќи нужно беше талкање со многу време по патиштата, па договори… Комлицирано и малку рентабилно. Контактите со деловните партнери како отскочна штица со секој друг бизнис помогнаа да влеземе попрофесионално со овошјето. Специфична работа е. Стоката не стои, нужен е брз обрт. На разработениот терен немавме проблем од старт. Продаваме солидни количества – вели младиот сопственик Илија Стојановски. 

 Бизнисот е фамилијарен од почеток до крај. Максимално се сите ангажирани. Мажите се поделени за набавки по терени, а жените држат смени во маркетот. Во рацете на Илија е менаџирањето. Не се жали, иако, уште “од мали нозе” меша прсти во бизнис водите. 

– Бизнисот бара посветеност и максимален труд. Пред сé, да ја сакаш работата. Поинаку, сé друго е џабе. Упорноста се исплаќа – додава Стојановски.

Изненадени се од навалата на муштерии. Искуството го чини своето. Се препознаваат по квалитет, од кој реон, во која сезона да се одбира понуда на најдоброто за муштериите. Буквално снабдуваат секаков вид емиш. Водилка им е свежо овошје и зеленчук нон-стоп. Вниманието е свртено не само на квалитетот, туку и на ниските цени. Муштеријата треба да се врати, а не само еднаш да купи. Единствени на пазарот се со понудата на хормелон, посебна сорта на дињи, многу добра против карцином и за јакнење на крвта. А и локацијата продава. Плански ја одбрале. Покрај малските, ги пресретнале и проодните муштерии. Некој слушнал, некој видел и застанал. Полека, полека граѓаните го научуваат маркетот и стануваат редовни муштерии. Од старт добиле позитивни реакции. “Убаво е што ви текнало, недостасуваше свежо нон-стоп, нé спасивте да не влечкаме тешки торби од пазарот”.

Забелешките влијаеле на корекции. Стоката не е изложена надвор, на прашини и не е подложна на овенување од горештините. Внатре е педантно, хигиенски, уредено. Дел од просторот го намениле и како магацин, да може секој дуќан да крене стока на големо. Привлекле соработници и од Крушево, Кичево, Македонски Брод, па и од околните села.

– Презадоволни сме од стартот. Олеснителна е дистрибуцијата по маркетите. Секојдневно трошиме големи количества и понудата е пресна, такаречи од бавча, од овоштарник, дирекно на трпеза. Нудиме добри цени и поради магацинот на големо, без да им бидеме конкуренција на другите и да нема реакции и опасности да се загуби дел од пазарот на големо. Темпото ќе го задржиме низ квалитет – вели Стојановски.

Не запираат и за скоро навестуваат проширување на понудата со маслинки и зрнести производи. Се носат со идејата да отворат повеќе маркети на одбрани локации. Создаваат имиџ и бренд на фруит маркет, препознатлив по свежина и богатство за избор на овошје и зеленчук по добра цена.

Loading