Извиднички одред Феникс
Извидничкиот одред Феникс кој функционира од неодамна, ниже успеси. На четиридневната традиционална одредска извидничко-младинска акција во Охрид, натпреварувајќи се во 12 рекреативно забавни дисциплини во вода и на копно, покрај силната конкуренција, освои две трети места во категориите помлади извидници и извидници. Сплотени со охридските колеги, меѓу шестте друштва, се закитија со злато на Средбата на извидници во Струга. Три дена натпреварувајќи се во областа на топографија и ориентација во непознат терен, сигнализација, прва помош, исхрана во природа, успеаја да се изборат за третото место на 29-те традиционални средби на извидниците, кои се одржаа во Чашка.
– Акциите се значајни за извидниците, особено за новајлиите, оти се надградуваме со нови знаења и стекнуваме нови пријателства – вели Ивана Сурлаџиоска.
Одредот Феникс учествуваше и на септемвриските извиднички средби во Кичево. Две претставнички беа дел од обуката за водачи во Скребатно кај Охрид, заедно со извидници од другите градови од државава, како и од Данска.
– При шестмесечните активности проследени со работилници, игри и часови во природа, научивме што е корисен, добар другар, учтив, оптимист, да се сака природата, да се биде пријател со животните, односно што е извидник – додаде Сурлаџиоска.
Преку извидничките активности се поттикнува физичкиот, интелектуалниот, духовниот и емоционалниот развој на младите.