НЕЗАБОРАВНИ ДУЕЛИ СО УНИВЕРЗИТАТЕА И ПАРМА

Годишнина: Изминаа 15 години од историскиот успех на Победа

– Пласманот во 1. коло од Купот УЕФА е највисок дострел

parmaПобеда одигра 32 меча во евро-куповите, а најзначајни се дуелите од летото и есента 2000 година. Тогаш постигнат е најголемиот успех, пласманот во 1. коло во Купот на УЕФА. На патот беше елиминирана романската Универзитатеа, преку ремито од 1-1 во Крајова и победата од 1-0 во Прилеп, за потоа да следи средба со италијанскиот гигант Парма. Поразите беа пристојни (дома 0-2, на гости 0-4), а се памети првиот меч, на 14 септември, кој беше голем спектакл пред 15.000 гледачи во Скопје.

– Постигнавме нешто што ниедна македонска екипа не можеше. Елиминиравме еден познат тим, Универзитатеа и докажавме дека имаме квалитет. Со тој подвиг ја доведовме Парма и го преполнивме стадионот во Скопје. Загубивме, но дадовме максимум. Се случи нешто невидено, цела Македонија навиваше. Пробав неколку шутеви оддалеку, но Буфон е светски голман, а еве уште успешно брани – вели тогашниот капитен Тони Наумоски, кој на центарот се ракуваше со колегата, Французинот Турам.

Сите овие мечеви се одликуваат со фанатична борбеност, пожртвуваност на Победа. Фудбалерите имаа полна самодоверба дека можат да направат повеќе од претходните генерации. Без исклучок, секој што настапи го даде својот придонес. За издвојување е стрелецот на двата гола Николче Здравески. Во Крајова домашните ги “попари” во 91. минута за 1-1 и голема радост на трибината каде имаше навивачи на Победа, а на реваншот го даде победоносниот гол.

– Во Крајова, Романците водеа со 1-0 до 91. минута. Тогаш по додавање на Манев, се случи кикс, недоразбирање на двата стопера, топката ја оставаа еден на друг. Ја прифатив, излегов сам пред голманот и со удар долу во аголот го совладав. На реваншот тие со сите сили тргнаа на победа во Прилеп. Пак, како што се надевавме, им се случи грешка. Голманот истрча надвор од 16 м., лошо ја зафати топката, дојде до мене и од 40 метри ја пласирав во празниот гол. Ова ни овозможи да играме со Парма, против најголеми ѕвезди, како Буфон, Турам и Канаваро, кој стана најдобар светски фудбалер. Се виде разликата во класа. Барем на моменти се обидовме да покажеме нешто. На два – три квадрати простор го издриблав Турам, што наиде на воодушевување кај публиката – потсетува Здравески.

Јунак на дуелите е и голманот Боби Тенев. Одбрани најдобро во кариерата. Правеше чуда на реваншот со Универзитатеа, кога Романците напаѓаа од сите страни, страотно шутираа, но неговите раце секаде стасуваа и мрежата не беше затресена.

– Дебитирав во Крајова. Се крстеа во мене за помалку голови да примиме. Извадовме 1-1. На реваншот пак чудо. Напаѓаа 90 минути. Секој нареден удар беше сé потежок. Си реков во себе мора да издржам докрај. Се чувствував како да имам сто раце. После беше еуфорија. Иако Парма нé совлада двапати, имав добри одбрани. Фатив страотен волеј на Ди Вајо, на што тој ми честиташе, а публиката аплаудираше – се сеќава Тенев.

Победа – Парма 0-2

Стрелци: Консеисао 23, Ди Вајо 74.

Победа: Тенев, Ристовски, Ќумбев (81. Мегленски), Николаевски, Нацев, Диниќ (53. Тодоровски), Каранфилоски, Жилсон, Наумоски, Здравески, Крстев (64. Стојчевски).

Парма: Буфон, Сартор, Турам, Канаваро, Консеисао (90. Апија), Болано, Ламуши, Жуниор, Мику (69. Фузер), Аморозо (69. Ди Вајо), Милошевиќ.

Loading