ДЕРБИ СО ИМИЏ ОД 15.000 ГЛЕДАЧИ

Фудбал: В недела е пелагониската пресметка, Победа – Пелистер

– Победникот станува кандидат за највисок ранг

PelisterНема во државава поголемо соседско дерби од пелагониското Победа – Пелистер. Во кој ранг да учествуваат овие тимови, ривалитетот останува ист, а лутата пресметка предизвикува внимание. Некогаш се среќаваа во југословенската Втора лига, другпат во Републичката и трибините секогаш биле исполнети. Дербито само по себе е историја, навраќа спомени за рекордни 15.000 гледачи. Според расположението во двата града, привлечноста за овој дуел е присутна и денес.

Наместо вообичаено в сабота, мечот е преместен за в недела попладне (16 ч.), најфудбалскиот ден за што помасовна посета на стадионот “Гоце Делчев”. Се очекува преполна северна и гледачи на јужната трибина. Тука неизбежни се домашните “Мајмуни” и гостинските “Чкембари” за жестока атмосфера. Организаторот и овојпат за 50 денари нуди влез и гратис кафе, а најсреќниот посетител ќе има можност да добие 700 евра во играта “Златен гол”. Сигурно дека ќе има рекордна посета за последните 10 години.

Најинтересното во дуелот е што двата ривала немаат пораз во двете стартни кола, на табелата се со по два бода и идентично најавуваат борба за висок пласман. Сега, уште во 3. коло ќе се види кој е вистински кандидат за Првата лига. Победа е охрабрена после ефикасното реми (3-3) кај Скопје и логично во план го има првиот триумф. Радува подобрената игра во нападот, шансите и головите, како и упорноста, која доведе до израмнување во 85 минута. Пелистер го навикна прилепскиот терен со куп – мечот против 11 Октомври и домашниот првенствен дуел со Гостивар (1-1), во кој спаси бод. Битолчаните имаат свои сметки за неделното дерби и вреди да се види дали ќе ги остварат. Тренерите Дарко Крстески и Зоран Штерјовски се очекува да настапат со најдобрите состави.

Дуел Петрески – Ацески

Пелистер има тројца прилепчани: бекот Димитриоски, стоперот Крстески и за врска Ацески, а во Победа нема битолчанец. Можеби најинтересен ќе биде дуелот во средниот ред Владимир Петрески – Новче Ацески. Летово направија рокада, првиот од Пелистер се врати во Победа, вториот обратно.

Победа: Јованоски – Талески, Колевски, Ф. Мирчески, Котески – Мегленски, Петрески, Карчески, Митрески – И. Мирчески, Шаркоски.

Пелистер: Пашовски – Јоциќ, Неданоски, Додевски, Степановски – Ацески, Стојковски, Тодоровски, Љамчевски – Миленковски, Главевски.

Loading