Пензионери ме мотивираа да давам голови

Фудбал: Неџат Шабани, некогашен капитен на Победа

SabaniПо долго време на стадионот “Гоце Делчев” дојде Неџат Шабани, некогашниот голгетер на Победа. Настапуваше од 1996 до 1998 година. Остави силен впечаток. Потврда се коментарите дека најчесно го носел дресот на овој клуб. Познаниците срдечно се поздравија на стадионот. Тој ги врати спомените, сеќавајќи се на најситни детали.

Како помина првиот настап?

– Поради документите, чекав дури до шесто коло со Цементарница. Резултатите беа променливи, а симпатизерите не беа задоволни. Шетајќи слушнав двајца постари. Едниот прашува, “Ќе одиш ли да ја гледаш Победа?”, а другиот вели “Уште сега одам да го видам тој Шабани. Ако и него не го бива, не одам повеќе!”. Си реков: Е мајсторе мора да се покажеш за овие луѓе! Победивме 3-1. Дадов два гола.

Дававте убави голови?

– Помнам два, еден од волеј, друг од 25 метри во дуелот со Борец. Сега веќе покојниот голман Паунов ми честиташе со чудење како е удрена таа топка, кога се фрлил в лево, а таа в десно. Три гола имав против Балкан. Таа сезона беше успешна. Првпат Победа излезе во Европа, во Купот УЕФА, на радост на многубројната публика и навивачите “Мајмуни”, кои многу ги ценам.

Бевте капитен?

– Бев меѓу највозрасните со најголемо искуство во југословенската прва и втора лига и во Турција. Другите беа помлади како Оливеира, Жилсон, Баче, Миле и Сашо Крстев. Се наметнав како лидер и луѓето кои го водеа клубот, а многу ми значат во животот, Хари и Ацуле, одредија да бидам капитен. Како играч од страна, тоа беше реткост и голема чест за мене.

Победа денес?

– Штом е тука Хаџи Ристески, односно неговиот син Горан, таа фамилија знае како се води Победа. Очекувам да плива стабилно. Клубот има иднина.

Тренер сте на Влазерими?

– Во иста лига со Победа. Дуелите се во петто и 14. коло. Сигурен сум дека ќе не пречекаат и ќе ги пречекаме како што треба. Посакувам двата тима да имаат успех – заврши Неџат Шабани.

Пелистер – Гостивар

По ремито (1-1) дома со Тетекс, Победа в сабота гостува на Скопје. Добар резултат е и нерешен. Љубителите на фудбалот ќе го проследат Пелистер во дуелот со Гостивар. 

Loading