АСФАЛТ ДО ЗРЗЕ

manastirotМанастирот во Зрзе стана подостапен со изградбата на патот. Асфалтиран е патот што се градеше до Св. Преображение, изминатата година долг седум километри. Сега од Прилеп до манастирот води мазна подлога од околу 27 километри. Се стигнува полесно, а во тоа се уверија сите добронамерници за празникот на манастирот Св. Преображение, кои стигнаа без мака. Од братството на манастирот гордо велат дека последната делница од Долната до Горната порта,  долга 300 метри, била завршена минатата недела. Преостанува уште да се заврши калдрмата од Горната порта до ранохристијанската базилика, каде што се наоѓаат и манастирските гробишта. Ќе се уреди и паркингот во текот на месецов.

– Ќе биде поплочен со бекатон-плочки и се очекува да се постави сообраќајна сигнализација. За посета сме отворени секој ден од 7 до 18 часот – велат од братството, упатувајќи апел да ги паркираат возилата на паркингот заради специфичниот терен.

Во дворот на манастирот, добронамерниците уживаа во топло добредојде посакувано, од монасите од братството под сенките на столетните ореви или крај рибникот.

Инаку, во уредениот двор се наоѓа црквата Св. Преображение, градена во неколку фази и во која се наоѓаат сликарските дела на зографите Драгослав и Добрислав. Во храмот се и иконите на Христос Спасител и единствената и ретка на Пресвета Богородица Пелагонитиса, насликана од јеромонахот Макариј.

Братството има седум монаси. Завршено е партерното уредување. Останува уште ентериерот во монашкиот конак. Речиси седум години траел процесот на градбата на владичкиот и монашкиот конак.

Зрзе, како горнопелагониски манастир, од 2005 година е епископско седиште на владиката Климент, кој тука живее и дејствува заедно со своето монашко братство. Главно монашко послушание на зрзеските монаси е иконописот. Нивните икони се репрезентативни подароци на важни личности. Годинава, иконата Пелагонитиса, изработена од Зрзеската иконописна работилница, му беше подарена на папата Франциско по повод кирилометодиевските чествувања во Рим.

Loading