ПУШТЕН ПАТ И ПРЕЧИСТИТЕЛНА СТАНИЦА

Во општина Долнени

dupjacaniПремиерот Никола Груевски официјално го пушти во употреба локалниот пат од селото Дупјачани до Мраморани  долг пет километри, кој е еден од најфреквентните во општината Долнени. Вложени се 22 милиони денари. Завршена е и пречистителната станица и фекалната канализација во должина од три километри во селото Секирци. Владата одвои 13 милиони денари.

Патот нуди побезбедно одвивање на сообраќајот, посигурен превоз на луѓето и стоката и го скратува времето на патување меѓу населените места и Прилеп. Преку Дупјачани – Мраморани, кој е еден од најискористените за влез кон Прилеп, комуницираат жителите и од Забрчани, Небрегово, Дреновци, Десово, Сенокос и околните места. Едно од главните барања на жителите од регионот било што поскоро да се направи патот од Дупјачани до Мраморани. При доаѓањето кон Дупјачани, премиерот забележал дека на дел од патот што не е реконструиран има дупки и побарал од министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски веднаш да се санираат.

– Ние сме Влада која држи до дадениот збор. Се преиспитуваме пред нешто да ветиме, а ветеното го извршуваме. Така беше во минатото, така ќе биде и во иднина – рече Груевски.

Градоначалникот на Долнени Боше Милошески истакна дека градбата на патниот правец од Дупјачани до Мраморани била ветена за локалните избори во 2013 година и додаде дека патот е значаен за локалните жители.

Во Долнени е пуштена и пречистителната станица и фекалната канализација од три километри во селото Секирци во вредност од 13 милиони денари.

– Проектот претставува поголема урбанизација на селото, напуштање на старите јами, заштита на подземните води и повисок квалитет на животот на локалното население – рече Груевски.

Со помош на Владата завршена е реконструкцијата на училиштата во Кошино и Дреновци, доизградена е гимназијата и спортската сала во Житоше, отворен е Центар за ран детски развој во Десово, изграден е мостот во селото Сливје.

При крајот на годината е планирана реконструкција и проширување на регионалниот пат Лажани – Ропотово – Црнилиште, асфалтирање на патот од местото викано Рибник до Бело Поле, изградба на канализациски систем во Црнилиште, како и канализациски систем во Ропотово, што ќе се реализира следната година. Груевски најави изградба на спортска сала во Долнени в година и уредување на просторот за одржување на Фестивалот на народни песни и игри “Пеце Атанасовски” и многу други проекти.

Loading