Магионичари не сме, но ќе го дадеме максимумот

Ракомет: Скромен буџет, но голема желба во РК Прилеп

sedloski– Сакам модерен ракомет и едноставност, зашто едноставен е животот – вели стратегот Томче Петрески

Минатата сезона беше надминат планот од средината кон плеј-офот и шестото место, така што обврската за висок дострел е сама од себе наметната во РК Прилеп за претстојното суперлигашко првенство. Сигурно ќе биде потешко, со оглед на посилната лига, каде клубовите се моќни финансиски. Каде е местото на прилепскиот тим, ако се знае дека буџетот е скромен, истиот од лани пополнет од неколку стари и нови спонзори, а околу 50 отсто учествува Општината?

– Секоја сезона пишува нови клупски страници. Тимот го подмладивме, со двајца странци, а потребни се уште двајца, со приоритет на десна бековска позиција. Немаме голем буџет, но имаме цел да растеме во секој поглед како екипа и клуб. Сакам модерен ракомет и едноставност, зашто едноставен е животот. Магионичари за чуда не сме, но ќе го дадеме максимумот – порача Томче Петрески, тренерот.

Двајцата нови се со истакнати биографии. Голманот Милош Раичиќ (25) доаѓа од српскиот Рудар Костолац. Висок е 192 сантиметри и низ снимки може да се видат неговите квалитети. Претходно бранел и за прочуената Металопластика Шабац. Со неа настапувал во СЕХА лигата против Вардар и Металург.

– Мило ми е што дојдов во Прилеп. Слушав многу за тренерот Петрески и за некогашниот клуб Тутунски. Очекувам да го оправдаме ланскиот висок пласман – рече Раичиќ.

Десното крило Дмитриј Турченко (23) дојде од украинското Запорожје. Бил член на младата и сениорската репрезентација. Со последниот клуб го освоил второто, вицешампионско место. Благодарен е на сите кои му овозможија да биде дел од прилепскиот тим.

– Има потенцијал оваа екипа. Ќе бидеме сплотени млади и искусни. Прво ќе пробаме да го повториме ланскиот пласман, а потоа да тргнеме уште погоре – изјави Турченко.

Првите тренинзи беа на Могила.

Loading