Шмектот на секој мал брачки град

– Посебна е пловидбата по брачкиот канал

bracБрач е хрватски остров со околу 20 населби и 15 илјади жители. Островот на сонцето е налик на бисер во синилото на морето. Еден од најсончевите и најтоплите на Јадранското море со карактеристики идеални за оние кои на одморот се во потрага по мир, чисто море, осамени плажи, романтични моменти… Кажуваат дека некогаш бил дел од копното. Можно е да е така. Денес е одвоен со Брачкиот канал, само физички, од преубавото и вовлечено крајбрежје на Далмација. Од Видовите гори, највисоката точка (778м) на островот богат со карпи, но и на сите јадрански острови, лесно ќе ги препознаете, дури и со голо око, покривите во Омиш, Макарска или Сплит. Градовите се начичкани под моќното Биоково, исто како дивината на сé поурбаните и со сонце искапените острови Шолте и Хвар, најблиските соседи на Брач во синиот Јадран. Островот нуди допир со богатото од историско наследство и интересните и разнолики пејзажи.

Бол, Милна, Нережишча, Постир, Пучишче, Повља, Сумартин, Супетар, Сутиван… се брачки гратчиња од камен, украсени со топли, милни сончеви зраци и мирис на лаванда. Медитеран во минијатура. Речиси на секој чекор од овој 40 километри долг и десетина километри широк централен далматински остров, топлината на летниот воздух е потполно пријатна за вдишување на ветерот кој освежува, правејќи го одморот поугоден отколку на некои други слични места.

Дел од убавината на Брач, со нереално измиксан колорит на сино, бело и зелено, се и бројните маслинови градини, лозја, борови шуми… Препознатлив е и како остров со квалитетен камен за градба. Карпите се “облечени” во камен од кој се изрежани блоковите за фасцинантната Диоклецијанова палата во Сплит или на светот неспоредливо препознатливата Бела куќа во далечниот Вашингтон. И уште многу преубави куќи ширум светот. Така кажуваат скржавите на зборови, а добродушни и гостопримливи жители. Мајстори на брачки камења од своето богатство, произведуваат за туристите цела палета уникатни сувенири, ѕидни часовници и пепелници, ќупови и чинии, минијатури на сите добро познати градби ширум светот, па дури и повеќе од допадлив накит.

Остров полно со актракции

brac1Човек или обратно, природата, си поиграла со каменот. Нережишча е актракција наречена “колач”, односно островска карпа со премин, и претставува некој вид на совршен лак на природата со кој човекот градител нема никаква врска. За туристите интересна е и Змејовата пештера на јужните падини. Во внатрешноста на пространата пештера одамна се изградени куќички за сместување и прифаќање на оние кои се криеле од бројните напаѓачите и освојувачите. Најголема актракција се камените скулптури и рејлефи во карпите. На островот бил присутен живот од античките времиња. Доказ се материјалните и духовните културни споменици.

Плажа со променлив облик

До малите пристаништа од памтивек се пристигнувало по море. Со бродови, бротчиња, а подоцна и со траект, хидроглисери. Денес е можно и со туристички авиони. Сепак, тоа не е тоа, оти пловидбата по брачкиот канал е апсолутна посебност. Не се заборава сликата кога од морето се приближувате до островското копно. Излегувањето на просторот на поплочени сивкастобели камења, испрани со водата на морските бранови и зафатите на ветерот, е налик на исчекор во бајковита средина, живеење што секој кој има намера добро да се одмори, го посакува без одложување.

Спремните за оазата на мирот да бидат забележани, се определуваат за Бол, гратче со модерни клиенти, претежно од Италија, Германија, Англија. Препознатливи се по имиџот, чија целина ја сочинуваат несоодветни штикли, прескапи наочари за сонце, неизбежна шминка, па дури и на плажа. Постојат и јахти, глисери, чамци и многу од она што го следи светот во приказната за дискретниот гламур на Бол. Украс на Бол е и најпознатата плажа на Јадранот – “Златни рат” (Златен стаорец), која денес е еден  од симболите на попрофитабилниот хрватски туризам. Сите оние кои мислат дека плажите се исти, треба да размислат уште еднаш. “Златни рат” е природен феномен или плажа, која го менува обликот благодарение на магичните игри на ветерот во содејство со морето. Плажата заслужува да биде на листата на најубавите, не само поради убавините, туку и поради можноста да го промени обликот со вртење на нејзиниот врв во насока на ветерот. Поради ветерот, плажата е повеќе од атрактивна локација и за љубителите на едрење на штица.

Малите гратчиња – автентична убавина со магична глетка

Сé друго на овој трет по големина остров на Јадранот е нереален мир. И бајка. Секој брачки “мал град” има своја приказна, свој шмек, автентична убавина со магична глетка, како и значајно спокојство кое носи впечаток на вечност. Секој од дваесетината “мали брачки градови” има и свои помалку или повеќе пространи места за капење и сончање. На неколку минути оддалеченост, или малку повеќе со возење со чамец, има и заливи и заливчиња со романтични плажи, на кои можете да го минете целиот ден потполно сами. Вистински рај за романтичните души. Постои, и она, по што сите брачки населени места се слични. Ако ништо друго, тоа се оние камени куќи збиени по линијата на поплоченото крајбрежје или осамените викендички за одмор, опкружени со маслинови расадници или со шума на околните ридови. Многубројните цркви и палати од некогашните брачки племиња се сведоштва за неодминливата убавина на ренесансната култура и уметност.

Сеедно дали сте во Бол, Сутивана, Милна или Супетар, на Брач, разиграно е и утрото, сончев е денот, и за нијанса се свежи вечерите, и секогаш неприродно тивка е ноќта. Сето ова е посебност која со себе ја носи секој кој на овој остров ќе мине барем неколку дена. Мирисите на бор и лаванда, опојниот вкус на добро вино, гастрономските деликатеси од морски специјалитети или само обична риба на скара, се додаток на фасцинантното секојдневие на Брач. Оние кои сето или дел од ова барем еднаш во животот ќе го доживеат, по непишано правило, порано или подоцна, се враќаат на убавината на уживањето кое е невозможно да се заборави.

Поспан рај помешан со традиција

Го препорачуваат Брач како заспан рај со традиционални села, кој може да се пофали со една од најдобрите плажи на светот – Златни градини во Бол, во јужниот дел од островот. Можно е да се искуси и традиционалниот начин на брачки живот, вкусот на кулинарските задоволства низ далматинското препознатливо овчко и козјо сирење, помешано со здравото маслиново масло и неверојатното црно вино. Со долга историја, Брач располага со разновидни понуди за сместувања, од хотели со две до четири ѕвезди или хотелски апартмани до приватни апартмани, вили и соби во семејни куќи. Жителите се пријателски расположени и познати по гостопримството и високиот квалитет на услуга. Сеќавањата за минатите посети ќе ги разбудите додека пешачите по тесните улички, слушајќи ги звуците на мандолина каде се пеат далматински традиционални песни.

Loading