ЗА СВЕТА ПЕТКА, ПО АСФАЛТ

До Лениште

Lesno do Sveta Petka kaj LenisteДо манастирот Св. Петка, во Лениште за 8 август, добронамерниците ќе стигнат по асфалтен пат. Завршија градежните работи со што се постави асфалтна подлога на патот во должина од 1.400 метри. Се преземаат активности за асфалтирање и на патот до местото викано Маркова чешма. Со овие инфраструктурни зафати со средства од Светската банка, значително ќе се олесни одвивањето на сообраќајот.

За празникот Света Петка кога масовно се посетува манастирот, изграден во спомен на трагичниот настан кога во 2001 г. на 8 август загинаа 10-мина прилепски резервисти, пристапот ќе биде олеснет. Наместо по кал и прашина, ќе се оди по мазен асфалт.

– Со патот, манастирот за денот, 8. август, подготвен е да ги прими сите гости и туристи кои доаѓаат за празникот. Првпат во историјата, до манастирот води асфалтен пат, а лани беше поставен и водовод – вели градоначалникот Марјан Ристески. 

Се гради и патот до Маркова чешма, долг 1.200 метри.

За двата пата средствата се обезбедени од Светската банка преку агенцијата за регионални и магистрални патишта и преку локалната самоуправа.  

– Со асфалтот до Маркова чешма се поврзува уште едно атрактивно место кон кое гравитираат голем број викендички и луѓе кои живеат во овој крај и многу ќе им користи, оти досега патот беше земја. Локалната самоуправа продолжува со агендата за асфалтирање на локални патишта и улици, не само во градов, туку и на целата територија на општина Прилеп. Имаме готови идејни проекти за кои аплицираме кај повеќе фондации, за повеќе можности за инвестирање, преку програмите на Владата, министерството за транспорт и врски, за земјоделие, преку агенцијата за рурален развој. До крајот на годинава ќе бидат асфалтирани и други патишта – додава градоначалникот Ристески.

Досега нова асфалтна инфраструктура има поставено на целата територија на општината, во должина од преку 200 километри со што на некој начин Прилеп е рекордер во државава. 

Loading