Арон ги запозна роднините и најде слика од прадедо си

Млади Американци со македонско потекло ги бараа корените во Прилеп

– Програмата “Родум од Македонија” има за цел да го спречи сушењето на македонскиот идентитет кај младите од втората и третата генерација во дијаспората и да воспостави контакти со земјата на своите претци 

rodum od makednijaВо сенката на дворот на семејството Макески, 20 годишниот Американец со македонско потекло Арон Кимсон го запозна роднината Петар. И 27 годишната канаѓанка Наташа Калајџиевска имаше љубезно добредојде кај своите роднини во семејството на Жарко Начевски.

Двајцата, и уште неколкумина Американци од Канада и САД, беа дел од иницираната програма на нашинецот Питер Далас, “Родум од Македонија”, а која ја спроведоа Обединета македонска дијаспора (ОМД) и Центарот за меѓународна соработка. Содржина на проектот е да не исчезне особеноста на потеклото и на идентитетот на дијаспората. Целта е да ги донесе младите со македонско потекло низ светот на родната грутка на своите претци и да се зачнат нови жили на старите корени на дедовците, бабите, татковците и мајките, кои одамна заминале преку “големата вода”, на печалба, и создале потомства кои не ги познаваат традициите и културното наследство на своите родители и блиски. ОМД подготви програма, наречена Генерација М, за продлабочување на меѓусебните врски на младите нашинци, родени каде и да се. Проектот претендира да ги разбуди расположливите човечки ресурси не само да го запознаат огништето на своите претци, туку родените Америкаци да ги прошират економските видици и да воспостават релации со земјата на своето семе.

Студентот Арон Кимсон од Кливленд, Охајо, првпат доаѓа во Македонија. Тој е Македонец од четвртата генерација. Прадедо му бил роден во Прилеп, а дедо му бил пилот, кој учествувал во битките на Американците со Јапонците на Пацификот во Втората светска војна. Дедо му Џорџ починал млад, а баба му која е жива, е родум од Егејска Македонија. Тие се дел од поголемото семејство во Прилеп, од кои тројца браќа заминале гурбет во Америка, а само еден се вратил во Прилеп. Роднини на Кимсон се семејството Макески.

– Горд сум што стапнав на тлото на моите претци. Се чувствував како дома. Се сретнав со Питер. Според него, но и според татко ми, тука имам многу роднини. Видов слики на мојот прадедо Коне. Ги осознав корените, зашто во нас врие македонска, една крв. Имаме јазична бариера. Тоа не е пречка да одржуваме контакти. Треба да се среќаваме со роднините. Љубезниот Питер изрази готовност да ги отвори вратите кога и да е за мене и за моите од Америка и да посвети време колку што би сакале да се запознаеме поблиску. Жалам што не ги сретнав неговите ќерки, кои беа отсутни – вели Кимсон, кој е среќен, бидејќи ја открил татковината на подалечните роднини.

Не í е прв престојот во Македонија на докторантот Наташа Калајџиеска од Торонто, Канада. Во Прилеп има роднини, а баба í живее во преспанско Љубојно.

– Докажуваме дека сме горди на потеклото. Наследници сме на Македонци и ја сакам Македонија. Роднините во Прилеп ме поканија да разговараме. Зборувам тешко македонски, но се разбираме. Програмата е важна за одржување на врските на дијаспората со Македонија. Битни се за младите генерации. Заеднички да направиме нешто добро за татковината на своите претци. Прв чекор е оваа програма за подобрување на врските. Не е целта само да се посети Македонија, туку овде постои можност за воспоставување контакти од обостран интерес. Македонија не е место каде живееле нашите, туку е место каде ќе доаѓаме често – вели Калајџиевска

Студентот Филип Јотевски од Колумбус, Охајо, има потекло од Битола. Вторпат е дома кај блиските во Битола.

– Ми се допаѓа земјата на моите родители. Добро е да се знае родословот, да се одржуваат врските и културата. Програмата треба да се претвори во традиционална. Американските Македонци треба да ја најдат и да ја знаат својата лоза на македонска почва, па и да го совладаат јазикот. Во САД имаме проблем со асимилација. Животна загуба е да не се знаат и да не се одржуваат корените, обичаите, културата, фолклорот… Во спротивно, потеклото ќе замине во историјата, а со тоа и идентитетот. Програмата може да се продлабочува. Нужна е помош за дијаспората, оти нашата култура е нападната, нападнат е македонскиот идентитет и постои опасност од претопување во американската култура. Така се стреми да не се загуби идентитетот – вели Јотевски.   

Впечаток на 20 годишниот Лукас Стрезовски од Торонто е дека сите се љубезни во Македонија. Разочаран е што не успеал да ги најаде роднините и да поразговара на ручек или вечера.

– Треба да се посети Македонија, без да се прескокне Пивофестот во Прилеп – порачува Лукас.

Со гајдата им засвири македонско оро и ги развесели четворицата Американци со македонско потекло, 18 годишниот Веле Тошевски. Идниот инженер, кој свири на кларинет и саксафон и е член на оркестарот на КУД Македонка од Торонто, е кај баба си и дедо си во битолско Оризари и во Кривогаштани со родителите.

– Се сретнав со младите Македонци, родени во Америка, како мене.  Делиме исти соништа заеднички да направиме нешто за Македонија, оти знаеме како функционира системот. Луѓето, родени надвор, се дијаспора. Малкумина знаат македонски. Ја одржуваме традицијата, еве, како мене преку фолклорот, народната музика, гајдата. Но, чести се свадбите на мешани бракови на Македонци со разноразни народи во Канада. Македонската автентичност се суши. Најпрвин треба да се спаси јазикот од изчезнување. Можно е преку фолклорот и врските со земјата од каде потекнуваме, со почитување и поврзување. Македонија сепак е наша земја. Тоа е мисијата и на играорната група од Торонто. Ја поздравувам програмата за младите Македонци на ОМД, со која ќе се поврземе според потеклото, а која ќе нé научи кои сме и од каде сме. Така ќе ја зацврстиме ослабената папочна врвка со Македонија – порачува Тошевски.

За младата играорка Кристина Димитриовски од Торонто важно е да се поврзуваат младите со македонски ген во странство каде и да се. И таа апелира да не се заборават корените, зашто тие, надградени со културното богатство, се бетонот што го држи идентитетот.

Loading