Украинец со македонско детство

Ракомет: Дмитриј Турченко е новото крило на Прилеп

Sekoj vtor prilepcanec se interesira za rakomet - Dmitrij TurcenkoТука израснав и размислував како би било да се вратам – вели репрезентативецот

Турченко е многу познато презиме, кое потсетува на ракометните интернационалци Украинци кои некогаш успешно играа за екипите од Богданци, сопругата Ирена за Млаз, сопругот Сергеј за Младост, а сега нивниот постар син, 23-годишниот Дмитриј тргна по истите стапки и реши да игра за Прилеп. До контактите дошло малку случајно пред четири месеци, по барање на прилепската управа до Горан Кузманоски во Романија, каде во Челенџ купот Одорхеи се среќава со украинското Запорожје. Како да се виделе сонародници.

– Му зборував македонски. Му реков дека сакам да се пробам во странство, а во Македонија ми е најпогодно, оти го знам јазикот, поднебјето. Тука, во Богданци, израснав, од градинка до 13 години. Има некоја чудна врска со овој крај, нешто што ме влечеше. Откако пред 10 години заминавме во Украина, многупати сум размислувал како би било ако некогаш се вратам каде што го минав детството – вели Турченко.

 РК Прилеп бараше и доби млад, надежен и амбициозен ракометар. Игра на позицијата десно крило, левучар. Нема многу сличности со татко му, кој беше среден бек. Дмитриј тренира од 14 години во родното Бровари, а играл за Будивелник и Запорожје. Бргу се наметнал кај селекторите и настапувал за Младинската репрезентација на Украина.  Играл на неколку турнири за Сениорската. Во градов почувствувал гостопримлив народ, за кого добил впечаток дека секој втор се интересира за ракомет. По потпишувањето на договорот ќе ги почне подготовките на 5 август.

– Големи се очекувањата за иднината. Најдобрите игри допрва треба да ми се случат. Екипата е спој на младоста и искуството. Постарите ќе помагаат на помладите и обратно. Така е најполезно – смета Украинецот.

Доаѓа голман

Србинот Милош Раичиќ (24), голман, висок 192 сантиметри е второ засилување за Прилеп. Доаѓа од Рудар, Костолац. Претходно настапувал за Напредак Заечар и Металопластика Шабац.

Тука не завршува списокот. Во план се уште неколку нови позиции, пред сé бек и пивот. Лигата е посилна од лани и нужно е посилен тим на тренерот Томче Петрески.

Loading