УМ ВО ФУДБАЛОТ

ВРЕМЕПЛОВ – БРАНКО БУШТРЕСКИ – 1920

Predvoen fudbaler - Branko BustreskiБранко Буштрески е од втората генерација фудбалери од триесеттите години на минатиот век. Роден е во Прилеп во 1920 година, жив е и здрав. Има 95 години некогашниот фудбалер на Југославија, Гоце Делчев и Победа.

Со топката тргнал на 15 години, во 1935 година, во младиот тим на ФК Југославија. Екипата била на богатите дуќанџии кои се грижеле за клубот да го однесат од битолски потсојуз во првата лига на Кралска Југославија.

– Станав првотимец две-три години пред војната. Сведок сум на многу случувања, кога секојдневно никнуваа фудбалски екипи во градот од околу 20 илјади жители. Конкуренцијата растеше, а со неа квалитетот – се наврати Буштрески седум-осум децении наназад.

Пред војната најквалитетни екипи биле Југославија, Железничар и Хајдук. Неуспешни биле квалификациите за првата лига со екипата на Цар Лазар од Крушевац.

– На двете квалификациски средби доживеавме два порази. Би ги спомнал квалификациите за новоформираната републичка лига во  слободна Македонија. Првично требаше да е со пет клуба. Игравме два натпревари со Пелистер од Битола. На првата средба во Прилеп, Гоце Делчев го декласира Пелистер со 4:1, а на реваншот загубивме со 1:3. Влеговме во лигата. Меѓутоа, ФС на Македонија ја преправи одлука и лигата, наместо пет, броеше шест екипи и тоа Победа, Македонија и Работнички од Скопје, Гоце Делчев, 11 Октомври од Куманово и Пелистер. Стартувавме лошо на последното место на табелата – памети Буштрески за 1946 година.

СД Гоце Делчев имал извонреден тим исклучиво од прилепчани.

– Професионализмот почна тие години, а од Прилеп веднаш замина Благоја Мојсоски во Пирот –  вели Буштрески.

Според него, во првата лига можеле да играат многу играчи од нивните редови. Најдобар состав бил: П. Костоски, М. Најчески, Б. Мојсоски, Буштрески,  Д. Москоски – Малакот, Цицоски, М. Крстески, Р. Тренкоски и Камчески. 

Драги Башески

Loading