Педесет години од формирањето на ОФС Прилеп

Фудбал: Значаен јубилеј

Rabotat vo najubavite prostorii - Marjan Stojkoski i Petre   IlioskiБил првиот осамостоен општински фудбалски сојуз

Точно пред 50 години е формиран Општинскиот фудбалски сојуз – Прилеп. Во 1965 година се остварила идејата за осамостојување или “отцепување” од дотогашниот регионален центар, Битола. Нужноста била практична. Победа за да земе нов играч требало да се патува до соседниот град за документи, исписница, регистрација. Честопати патот и времето биле попусти ако службеникот бил отсутен. За фудбалот под Маркукуле, требало согласност од под Тумбе Кафе.

Излезот бил во поедноставната процедура. Иницијаторите, водечките фудбалски работници, пред сé ,Александар Самарџиоски, Петар Чатлески и други, барале од ФСМ формирање на општински фудбалски сојуз со своја лига во две групи. Првак на едната бил Хајдук, а на другата Искра Ропотово. Во баражот победил Хајдук на тренерот Благоја Башески. Битола не го признавал првакот. Подоцна слична судбина доживува и 11 Октомври, за одземено прво место во Битолскиот потсојуз. Неизвесноста завршува во 1968 година кога од ФСМ дефинитивно доаѓа потпис на претседателот Ивановски и првиот човек на судиската организација Анчевски. Тоа било и признавање на ОФС. Тој е првиот осамостоен општински сојуз, бидејќи претходно постоеле само три регионални во Скопје, Битола и Штип.

Се поставиле темелите на локалната фудбалска организација. ОФС станува обединител на фудбалот од општината и на сите клубови, тренери, судии, педагози. Се организирале семинари. Фудбалот го зазел местото и во селските средини. Излегувале таленти кои прераснувале во врвни фудбалери, првотимци на Победа и на помалите клубови. Напредувале и судиите во сојузен ранг, како Маџоски, Стеваноски, Конески, Јанески, Мазгалоски… Во 1971 година Прилеп станал и седиште на Пелагонискиот регион.

Денешниот ОФС воден од претседателот Марјан Стојкоски и секретарот Петре Илиоски е важна институција. Сместена е во убави простории, какви што нема ниту еден друг општински сојуз, во некогашните градоначалнички канцеларии. Тука е седиштето на Третата лига – Југ.

Прослава со изложба

Одбележувањето на јубилејот е закажано за ноември, по завршувањето на полусезоната. Најавена е пригодна свеченост. Се подготвува изложба на стари документи, дресови, топки, судиски реквизити. Во подготовка е и книга.

Loading