ПРИЛЕПЧАНКА СПАСИ БЕБЕ ВО АВСТРАЛИЈА

Човечкиот живот е бесценет

Признание за почит

1. Zlatka Basnarkova so priznanieto za spasen zivotНекои се борат за спас на планетата, други за спас на животните од истребување, а некои спасуваат човечки живот. Колку навистина вреди човечкиот живот? Дали тој воопшто има цена?

Дека нема ништо повредно од човечкиот живот, говори признанието за спасен живот, кое го добила нашата сограѓанка Златка Баснаркова Велјаноски (27) во Австралија. Нејзината човечност, храброст и брза реакција, ја направија јунак, спасувајќи четири неделно бебе кое престанало да дише, додека ја вршела својата работа како обезбедувач во супер маркет. Далеку од својата држава, во место каде што е само странец, животот í се смени за 360 степени и од “обичен” обезбедувач во очите на Австралија стана херој, ценет и вреднуван. Доби сертификат за спасен живот, писма во кои лично í се заблагодаруваат сопственикот на компанијата за обезбедување, целиот менаџмент во шопинг центарот каде што работи и се разбира лично семејството на малата Ерин. За кратко време беше номинирана и за признание за спасен живот (Safe a life award) на петтиот континент, доделено од St.John Ambulance, а врачено од парламентарецот Филип Рудок.

Баснаркова, од неодамна Велјаноски, е 27 годишна прилепчанка, која пред четири години животот ја однел над 20 илјади километри подалеку од дома. Веќе две години со сопругот Игор Велјаноски се обезбедување. Тоа е необична професија за жена кај нас, а сосема нормална во Австралија. Додека работела како обезбедувач во супер маркет, Златка спасила четири неделно бебе кое воопшто не дишело. Плач, врисоци и паника на сите страни. Во момент кога сите биле избезумени и не би знаеле што да направат и како да реагираат, Велјаноски покажала присебност, реагирајќи во секунда.

– Додека ги правевме редовните патроли, ме повикаа да асистирам во една од собите за родители и деца. Луѓе во паника беа собрани околу жена која во рацете држеше бебе старо 4 недели. Не ми беше јасно што се случува. Слушнав дека некој разговара со брзата помош, кажувајќи им дека “бебето не дише”. Сé се случуваше во неколку секунди. Кога слушнав дека бебето Ерин, кое е веќе околу 3 месеци, не зема воздух, а беше толку малечко и се бореше за живот го зедов в раце, ја завртив со главата кон земјата и почнав да ја тапкам на грбот додека не почна да го повраќа мајчиното млеко кое останало во тоа мало грло додека нејзината мајка го доела. За среќа и за многу кратко време Ерин се созеде почна, да плаче и да дава знаци на живот – раскажува Баснаркова Велјаноски.

Извици на среќа, возбуда, издишки на олеснување во околината. Обезбедувањето кое е симбол на сила и моќ, стана сентиментална девојка која низ солзи не знаела што се случува по напнатата атмосфера.

– Не знаев што направив. Сите ми честитаа за присебноста и херојскиот акт – вели таа.

2. Zlatka so soprugotИ сопруг í, со кој работеле во ист мол, бил најгордиот сопруг на светот.

– Во моментот бев премногу спокојна. Се чудам на себе си, како можев така мирно и сталожено да интервенирам покрај мала душичка која такаречи штотуку излегла од утробата на мајка си и не ги вкусила убавините на животот, невиното мало суштество да дозволам да замине без поздрав. Инстинктите на жена, идна мајка, веројатно ме водеа да реагирам Ерин да почувствува радост и да има мегдан да ги  проба убавините на животот. Кога зедов здив, низ главата ми свртеа опасностите што можеа да го снајдат бебето. Треперев како лист во канцеларијата. Можеби секунди беа во прашање. Тим лидерот ме успокои и праша дали знам што сум направила. Колегите ми честитаа. Тие беа родители и ги поделија емоциите со мајката на бебето – кажува Велјаноски.

Интервецијата í донесе номинација за признанието за спасен живот, а потоа и изборот за најхрабар потег. И комшиите, и пријателите, и колегите се гордеат. Чинот на спасување на бебето и признанието е поттик за професионален однос кон работата, и во исклучителни случаи.          

– Човечкиот живот се цени премногу. Малата интервенција, што за некои изгледа смешна, за Австралијанците изгледа најсериозен хуман чин. Амбулантата Св. Џон доделува признанија за спасен живот на лица кои применувајќи прва помош спасиле нечиј живот. Компанијата каде што работам Southern Cross, ме номинираше и ја имав честа значајното признание, кое премногу ми значи, да стаса во моите раце. Чувството не се опишува, туку треба да се доживее. Работата ја засакав уште повеќе. Порасна и желбата за напредок во кариерата. Се отворија повеќе врати. Накусо, дипломата и признанието се билет за работа. Пред тоа бев обичен обезбедувач, а после сé се смени. Годи кога сите те гледаат со очи на јунак и кога стасуваат работни понуди. Се крена репутацијата и на компанијата – додава нашата хероина.

3 Dodeluvanje na priznanie za spas na bebe - Zlatka Basnarkova VeljanoskiНа гала вечерта со посебен дрес код, во Australian War Memorial, се наоѓала небаре во друг свет.

– Местото е само по себе возбудливо. Чудно и пријатно во  опкружување со познати и културни, неарогантни, туку природни и добри луѓе. Тука беше и Сем Џонсон, сопственик на Southern Cross Group Services. Тоа беше вечер за незаборав – со воодушевување кажува Башнаркова.

Една од причините поради која амбициозната девојка заминала во Австралија била желбата за независност. Првин се вљубила во униформите, а потоа во работата со обезбедување. Одбрала несебично да им помага на другите, изложувајќи го својот живот на помали или поголеми ризици. За деликвентите станала полицаец, за болните доктор, но воопшто не е пишман што избрала да биде обезбедувач, професија која им “припаѓа” на мажите.

– Првин сопругот доби лиценца и кажа дека работата би била совршена оти и мене ме бендисуваше. Не згрешив. Сакам да сум опкружена со луѓе, да им помагам. Не е ангажман исклучиво за мажи. Обезбедувањето е повеќе психичка отколку физичка работа. Бара одговорност при инцидентите меѓу многу луѓе од 7 до 77 години. Обезбедувањето е прво. Тоа е и полиција, и доктор додека не дојдат службите. Се надевам дека нема да има последици при испадите и во иднина – вели Баснаркова Велјановски, на која í недостасува семејството, внуката Мила, друштвото…

Во белиот свет не се кае, оти е среќна, работи хумана мисија која и е водилка во животот. Порачува без срам да се даде рака на немоќните и да им се дари љубов на беспомошните или оние кои се нашле во неволја. 

Loading