Стронг & Шајн
Подобрување на изгледот на телото, грижата за здравјето и растење на расположението се мотивите кои ја охрабриле Зорица Спиркоска, од 16 годишно тренирање карате, да отвори фитнес центар. Веќе една година успешно управува со “Стронг & Шајн”. Спортувањето и е животен стил, а сопругот ја поддржал да не се откажува од спортот, туку да направи нешто што ќе ја исполнува. Спиркоска создала катче, каде секоја жена може да се чувствува слободна и исполнета.
– Идејата дојде од фактот што во градов спортот е запоставен, посебно за жените. Има малку места каде жената ќе се чувствува слободна, а скоро сите имаат желба да го подобрат здравјето и изгледот. Не мора да си со Факултет за физичка култура да бидеш успешен инструктор. Важно е спортот да го почувствуваш и да знаеш како да го пренесеш – вели поранешната каратистка Спиркоска.
Секојдневно одржува динамични и интензивни тренинзи за аеробик, пилатес и фитнес за зголемување на кондицијата и зацврстување на телото. Повеќе од четири часа дневно вежба со девет групи. Работи по своја програма, осмислува нови вежби, следниот тренинг да биде различен и поефективен. Со репрезентативки – колешки разменува идеи, постепено надоградувајќи се како инструктор.
– Вежбаме во сала, а двапати неделно и на отворено. Откако телото ќе се размрда, 20-25 минути правиме кардио вежби во комбинација, со цел посетителките да се насочат кон зголемување на кондицијата. Финишираме со вежби за задржување, јога, за истегнување мускули, што е битно после напорен тренинг – додава Спиркоска.
Стартувала со 30 – тина членови. Сега клубот брои стотина. Тоа говори за посветеноста и решителноста на припадничките од понежниот пол да изгледаат убаво и здраво. Ги има од 15-40 годишна возраст. Се пријавиле да слабеат, но и да спортуваат. Фитнесот им станал слатка “зависност”. Ги откажуваат и одложуваат кафе -муабетите да тренираат, оти им е значаен дел од денот.
– Првин се намалуваат килограмите. Редовните, после една година, со леснотија ги извршуваат кардио вежбите, кои се тешки дури и за мажи. Тренингот им го планира денот. Важна е исхраната, да се внесуваат здрави продукти. Се ослободува од вишокот килограми со редовни вежби. Препорачувам спортска активност, пешачење, возење велосипед. Не треба да се обесхрабруваат ако за краток период не постигнат голем резултат. Треба да се работи подолгорочно и со поинтензивни вежби ќе се постигне ефектот – вели Спиркоска.
Во пријатна атмосфера со многу дисциплина и музика, низ салата одѕвонува одбројувањето на Спиркоска, а вежба истовремено со девојките, мотивирајќи да се трудат. Кога се вежба – се вежба, а не поминува тренинг без шеги и смеење, оти не им е само инструктор, туку и нивни пријател.
– Тешко е да се работи со женската популација, но е и најубаво. Сите сме различни, но со дисциплина се постигнува. Ме храни времето поминато со женските. На прво место ми е спортот, оти ми е потребно за здравјето и до крај ќе се занимавам. Максимално ќе се трудам да им помагам и на другите, да ја средат здравствената состојба, да го подобрат хипотетички кажано железото во крвта, а со спортска активност се средува и притисокот – советува Спиркоска.
Најавува новитети, опрема која е хит на светско ниво, што ќе придонесе за побрзи резултати. Потребни се само чисти патики и од кафуле може да дојдат директно на тренинг.
Својата “младост” ја искористила на вистински начин. Со карате го достигнала врвот, со две колешки се закитиле со бронза на светско ниво. Освоила многу третоноемвриски награди, признанија, а двапати била прогласена и за спортист на градот.
Трудот и вежбањето излегле на виделина, што сега може да им помага и на другите.