ПОСЛЕДНО ЗАЕДНИЧКО УТРО

bjВо црните гаќички и розевиот градник се прошета низ одаите од неговата куќа. Сакаше да го запамти секој детал од тоа последно заедничко утро. Небаре домаќинка, вешто се снајде и во кујната. Не í беше прв пат да гостува. Веќе знаеше каде стои сé. Го зеде ѓезвето, ги одбра и омилените филџани за кафе и стави да се вари нивното последно заедничко кафе. Последно заедничко утро во неговата близина…

Се насмевна кога ја виде како по гаќички се вртка околу кујната. Уживаше во глетката, карајќи се себе си “Каква среќа испуштам од себе! Убаво ми прилега, не само во постела, туку и утрото е убаво кога таа низ одаи речиси целосно гола се шетка.”.

Речиси безшумно, помина крај неа и ја допре околу половината. Нежно ја бакна на рамото, ја погали по кратката коса и се фрли на креветот.

Лежерно се оптегна небаре крал на својот престол кога таа го стави кафето пред него и удобно се смести во неговиот скут, шепотејќи му на увце “со љубов, за тебе љубов моја”. Небаре ова беше нивниот среќен ден, се обидуваа да се шегуваат додека удобно склопчени како стари љубовници уживаа во утринското кафе. Посебно таа! Го гледаше со сјај во очите. Сакаше да го запамти секој детал кога утре ќе го нема. Внимателно го набљудуваше секој дел од неговото тело, секое движење на рацете и усните, посебно задржувајќи го погледот кон неговите очи. “Ах, ќе ми недостасуваш! Проклето ќе ми недостасуваш!”, низ заби изусти во себе си… Очите ѝ добија стаклен сјај, додека солзи ѝ навираа во очното дно. Тивко шмркна, обидувајќи се да се соземи. Го сврти погледот да не го расипе моментот на последната нивна среќа помешувајќи го со нејзината болка и тага.

Срцето ѝ се кршеше, но вети дека ќе биде силна. “Само за добро да е”, ѝ прелетуваше мислата додека го пиеше последното кафе свиена во неговите прегратки.

Не беше крај, само беше збогум… Збогум на кафињата доцна во ноќта. Збогум на непроспиените ноќи во негови прегратки. Збогум на дочекувањето на утрото во негови прегратки. Збогум на будењето крај него. Збогум на намигнувањето на сонцето, секогаш кога ќе ја начекаше во негова постела. Збогум на прпелањата меѓу шарените чаршави. Збогум на слатките задоволства…

Не дека сега сонце не ќе угрее. Не дека сега кафето ќе стане горко. Ама ќе биде вистински пекол и денот и ноќта без него!

Како ли да го пречекори прагот на неговата куќа, велејќи му збогум, знаејќи дека никогаш повторно нема да се врати?! Како ли да ја напушти удобната прегратка, знаејќи дека утре не ќе може пак да му сврати на тоа слатко утринско кафе или да се прикраде во неговите прегратки доцна во ноќта?! Како ли ќе шетка меѓу луѓето среќна и насмеана, знаејќи дека повеќе никогаш нема очите да ги израдува со неговиот лик, срцето да í зачука кога случајно ќе го сретне и телефонот да се откости од повици со неговиот повик за убав ден?!

Нејзините мисли ги штрекна кога отиде до џубоксот и пушти да одѕвонува “Дојди, дојди, ноќва ми дојди на тоа кафенце…, да не те болат прстите од тастатура, можеби не сме еден за друг, но дојди да пробаме…”. Ја поздрави со “химната” да ја разведри разделбата со песна која повторно ја повикува на кафе, како што и сета приказна почна. Каква иронија, токму на нивната последна заедничка средба… Со посакувачка насмевка ја гледаше додека тивко ѝ потпевнуваше. Со насмевка, таа му возврати. Почувствува дека зад насмевката се кријат насолзени очи. Ја крена и ја сви в прегратка. Ја држеше цврсто припиена до своето тело. Желбата да ја има повторно растеше. Знаеше дека се екстремно луди. Тоа беше посебноста. Милион пати си рекоа, “ова е последно”, но никогаш не беше така. И следната ноќ, и следната… Немаше крај на тајните средби.

Овојпат, беше за последно, за навек.

Нели последните мигови се најубави?! Тие остануваат најмногу да се паметат во приказната. Како да се препушти на задоволството, знаејќи дека утре ќе го нема?!

Недостасуваше виша сила, тој и таа да станат едно.

Можеби никогаш нема да пронајде некоја која ќе го сака како што таа умееше. Не дека не ја сакаше, но мислеше дека не е на начинот на кој заслужува. Не дека и него не му светнуваа очите кога ќе ја видеше, но нешто недостасуваше. Сакаше никогаш од раце да не ја испушти! Недостасуваше да í рече, “Не оди си, оти денот не е ден без тебе”. Недостасуваше да í рече, “Остани да се љубиме и еден во друг да се изгубиме”. Недостасуваше да не дозволи да ја испушти љубовта. Многу, малку, ама ете, нешто недостасуваше.

Само нежно и страсно во исто време почна да ја бакнува, да го вдишува мирисот на нејзиното тело. Сакаше секогаш да го чувствува, кога утре сам ќе шета низ ѕидовите на неговата одаја. Сакаше и утре да го замисли нејзиното вито тело како се врцка пред неговите очи кога навистина ќе ја нема.

Имаше многу да му понуди, само што почнуваше, но се штрекна кога виде дека во битката се бори сама со себе. Се бори да задржи човек, кој упорно не решаваше да ја задржи. Можеби сам не беше свесен што ќе биде следното утре. Остави времето да ја заврши приказната, оти веруваше дека ништо не остава недозавршено…

Б. Ј.

Loading