Дојдов заедно да го израснеме РК Прилеп

Vtorpat trener vo rodniot grad - Tomce PetreskiРакомет: Томче Петрески, нов тренер на суперлигашот

Во конкуренција на четворица кандидати за тренер на Прилеп, избран е единствениот прилепчанец, кој живее во Битола, Томче Петрески. Вистински професионалец. Повратник е после шест години, кога клубот се викаше Златен даб. Го водеше и Пелистер, а последен тим му беше Беса од Пеќ.

Напуштивте косовски шампион. Што пресуди да дојдете овде?

– Близината и предизвикот да изградиме еден добар клуб. Со здружени сили можеме да направиме нешто подобро. Можеме да помогнеме, да се вложиме во него, заеднички да го израснеме.

Како?

– Не е лесно да се дојде до средства. Мора да се потрудиме. Јас како тренер, управата, градот, стопанствениците. Еден чекор се направил со солиден резултат лани, зошто да не се продолжи натаму?

Навивачите бараат што повисок пласман?

– Изјавувам одговорно дека амбициите со тие финансии не треба да се поголеми од опстанокот во лигата. Двајца играчи останале Божиновски и Талевски, четворица заминале Михајлоски, Митревски, Мојсоски, Димитровски, а во потрага сме по нови. Колку сме моќни со буџетот, такви ќе доведеме.

Се наоѓа ли добар играч, а да не е скап?

– По можност за Франција да игра, а да чини 300-400 евра? Шегата настрана, не само ние, сите така бараат. И Пелистер досега нема договорено ниеден играч.

Посилни сме од Пелистер?

– Десетпати. Но, тоа важи за овој момент и не значи дека за три дена ќе биде истото. Во потрага се, можно е допрва да донесат нешто.

Кусо бевте играч, може ли подолго да останете тренер во Прилеп?

– На 22 години заминав во југословенскиот шампион Пролетер Зрењанин. Појдов да станам поголем играч. Треба да нé радува и сега ако млад оди во голем клуб. Како тренер размислувам долгорочно и дај Боже сега да останам подолго, да постигнеме успех – вели Петрески .

Подготовки дома

Стартот на тренинзите е на почетокот од август. Најверојатно, комплетниот дел од подготовките ќе се одработи во градов.

– Немам конкретизирано, но мислам дека нема потреба да одиме настрана. Не сме богат клуб. Тие пари за друго да се искористат – порачува Петрески.

Loading