ПРЕФИНЕТ ОСЕТ ЗА ГОЛ

Бесплатна објава

ВРЕМЕПЛОВ – РИСТЕ ТРЕНКОСКИ – ТРЕНКО – 1924-2004 г.

Nema rodeni fudbaleri - Riste Trenkoski -TrenkoМногу генерации треба да минат во фудбалот да се роди некој со квалитетите на Ристе Тренкоски – Тренко. Беше врвен крилен напаѓач и интелектуалец кој целиот живот го посветил на фудбалот и воспитувач на младите луѓе од многу генерации.

Се родил близу земјеното фудбалско игралиште, сега Градскиот стадион. Цели денови играл, голтајќи ги потезите на фудбалските мајстори, а тој бил само маскота. Со тренинзи тргнал на 14 годишна возраст со екипата на Југославија, која била тим на богатите трговци.

Тренко, како милуваа да му се обраќаат пријателите, на дебито во Битола 1939 г. против Битољ, постигнал два гола и отворил светла страница во богатата кариера. Со двата гола станал стандарден првотимец дури 17 години. Го носел дресот со број 10.

Тренкоски се сеќаваше на битолските ривали пред војната, оти биле задоволство за љубителите на фудбалот од двата града. Се создало ривалство, особено со Работник и Пелистер, па на трибините  доаѓале по 5.000 гледачи со музика, песни и по некоја солза радосница, кога се победувало или тага, кога миленикот губел. Се патувало со товарни вагони, а на железничките станици се фрлале домати и јајца, во знак на дербито.

Голманите се ребреле на Тренко, оти шутирал со лева нога, многу силно и прецизно. Тешко успевале да ги скротат ударите. Велеше дека нема родени фудбалери. Талентот сака надградба. Со Кике и Цицо тренирале по пет-шест часа. На гредата и диреците врзувале шамивче да го погодуваат од најразични позиции. Така станал врвен стрелец, кој постигнуваше голови.

Во 1946 година во Прилеп се играло квалификации со  Пелистер, кој “паднал” убедливо 4:1 со сите голови на Тренко.  Играл за трите прилепски екипи, Југославија, Македонија и Гоце Делчев -Победа. Во војната студирал во Бугарија и играл за Фортуна од Софија. Одиграл 300 натпревари и постигнал 150 гола. Велат, постигнал повеќе, но немало евиденција. Само со Корча дал пет гола.

Сакаше да игра со генерацијата Келтаноски, М. Најчески, Д. Ангелески, Г. Лашкоски, Игњатоски, Гулески, Атанасоски, Цицоски, К. Трајкоски, Д. Москоски, Тренкоски и Камчески.

Имало радост и тага за првите квалификации во 1952 година за Првата лига на Југославија. Противници биле  Спартак од Суботица и Будуќност од Титоград. Пораз се доживеало од Спартак во Прилеп со амин на судијата, кој зел од противникот околу 80 професорски плати.

Две години подоцна пак квалификации за Втора лига со Металац од Загреб. Гостите паднале во Прилеп, а на реваншот  победиле 4:1, пак со благослов на делителот на правдата. Потоа се обезбедил пласман во новата Четврта зона, заради спојот на искуството и младоста.

Од фудбалот никогаш официјално не се збогувал. Заминал 1956 година на 32 годишна возраст на пријателски меч со тим од Пловдив. Останал во Стручниот штаб со Димкароски и Цицоски при што се подмладувал тимот, кој во 1959 година стигнал до Втората лига – Исток.

Тренко дал 4 гола за обложувателите

Отсекогаш во Прилеп кога гостувал Пелистер или Работник од Битола на земјените трибини на игралиштето паѓале обложувања.

Се играло  во 1946 година во Прилеп. Гостите првин воделе. Бидејќи немало ограда на теренот, навивачите Трајко Митрески и Мицко Крстески се обложиле со битолските навивачи дека домашните ќе победат, па му довикнале: “Тренко, води сметка, во прашање се 20.000 сома, глеј, прај да победиме”. Гостите доживеале пораз со  четири гола на Тренкоски. Особено се радувале тие кои се обложиле.

Драги Башески

Loading