СЕКОГАШ МЕЃУ НАЈДОБРИТЕ

ВРЕМЕПЛОВ – СТЕВАН АЦЕСКИ – ОДБОЈКАР

Od jazeto do mrezata i potoa - Stevan AceskiГрадот во убаво светло беше промовиран преку одбојката, односно ОК 11 Октомври. Таму, еден од најистакнатите беше Стеван Ацески (66). Бил дисциплиниран играч и на тренинзите, и на натпреварите. Подготвен секогаш да даде максимум. Меѓу најдобрите, а како човек многу ценет. Игрите остануваат врежани во клубската историја.

Ацески од раните детски години имал афинитети кон спортот. Играл фудбал на улица и на полјанките во Марино Маало. Честопати играле одбојка со другарите на затегнато јаже во дворот од неговата куќа. Тука се родила љубовта кон овој спорт.

– Бев повисок од другите деца, а мојата екипа победуваше. Можеби затоа ја засакав одбојката – вели Ацески.

Бил и гимнастичар, но поради височината сфатил дека тој спорт не е за него. Но, таму се воодушевувал од одбојката. Го привлекувала вештината да се фати силно удрената топка без да падне на земја. Така се зачленил да ги учи тајните на популарната игра.

– Слушнав дека во 1964 г. ОК 11 Октомври зачленува младинци. Без размислување се запишав. До 1980 година не се одделив од одбојката – вели Ацески.

Првиот тренинг кај тренерот Милорад Думбалоски бил на земјеното игралиште во ДТВ Партизан.         

– Дебитирав во Струмица. Победивме со 3:1. Играв бос, оти немаше патики. Не ми пречеше. Пукав од среќа и на радоста í немаше крај. Подоцна станав и член на  првата постава – се сеќава Ацески.

Настапувал до 1980 година кога на подготовките ги скршил двата основни одбојкарски прста, показалецот и средниот. Санирањето одело подолго време и повеќе не се вратил во играта.

 – Прекинав, поради тоа што тогашниот тренер Белазелкоски ја подмладуваше екипата, па ме сметаше за остарен со 30 години – појаснува Ацески.

Ацески ги бранел боите на 11 Октомври во Републичката и Втората југословенска лига, а двапати настапувал и во квалификации за Првата лига.

Се сеќава на незаборавниот меч. Го памти до крајот на животот првиот во Струмица, па со Бачка Паланка, после квалификациите во Марибор и со големиот ривал Вардар, кој загубил пред преполнетото игралиште во Прилеп.

– Пред мечот со Бачка, најдобриот играч Васко Кузманоски одби да игра, условувајќи го настапот со гаранција дека наредната сезона ќе биде ослободен од клубот. Бев повреден и без замена играв принудно. Поведовме 2:0, но во третиот одлучувачки сет се повреди и Александар Димески – Цано Кепе. Петтиот сет победивме и останавме во втората лига – се сеќава Ацески.

Ацески потоа бил во управата и две години тренер.

– Тешко е сега, после толку време, на распаѓање, да се стори нешто за враќање на некогашните позиции. Но, мора да се почне, првин со услови за развој и со ентузијазам. Нужни се и материјални претпоставки. Има сали, нема професионалци, тренери за стручна работа со спортистите. Нужно е да се обезбеди опфат на школската младина од детство. Тие да се воспитуваат во спортски дух. Како и во сите организирани држави, основните услови ги обезбедува државата, во нашиов случај Општината. Инаку, илузорно е да очекуваме спортот да се движи нагоре. Ангажманот на наставниците по физичко воспитание да биде поголем во насока на развивањето на љубовта кај децата кон спортот. Потоа, сериозен пристап – порачува Ацески. 

Loading