МАЖ ИЛИ ЖЕНА – ВИКТОР ИЛИ ВИОЛЕТА

Двојниот живот на прилепчанецот Виктор Петрески

Zena vo masko telo - Viktor PtereskiНеодамна замина од овој свет нашиот сограѓанин Виктор Петрески на возраст од 67 години. И дотука сé е неважно. Смрт како многу други, можеби малку порано. Но, Виктор криеше во себе необична приказна. Во црната дупка од земјата со себе ја однесе тајната која не сакаше да ја дознае јавноста. Неговото вистинското име беше Виолета. Тој повеќе од 30 години беше травестит, односно маж. Во Германија, каде што работеше, го промени полот од жена во маж. Се подложи на хормонални и хируршки интервенции и терапии и му се исполни сонот. Пред неколку години дојде со својата партнерка од Србија да живее скромен и малку мистериозен живот во родниот Прилеп.

Двополовите личности ја збунуваа јавноста

Шокирана беше пошироката јавност кога минатата година на евровизиската сцена победи претставникот на Австрија кој имаше фигура со неверојатно сензуални очи, сјајни усни, високи јаболчници, но и темна брада. Кончита Вурст – алтер егото на 25-годишниот Австриец Томас Ноевирт, кај публиката ги разбранува стереотипите околу сфаќањето на тоа што е мажествено, а што женствено.

Соборувањето на границите на идентитетот не е ново за евровизискиот фестивал, познат по екстравагантниот спој на музиката и стиловите. Со лавина критики се соочуваат луѓето кои сакаат да бидат она што природно не се. Така живееше и прилепчанецот кој имаше двојна личност, можеше да живее и како маж и како жена. За да го разбереше човек требаше да има големо срце и да биде без предрасуди. Од една страна тоа е необично, за некои нормален гест на човек кој сака да живее поинаки од она што е. Не сакаше да ја каже вистината за тоа како го прифаќале луѓето, колку чувствувал стеги, за разбирањето на неговиот животен избор.

Актуелен е германскиот травестит кој се претставува како Аманда Диор, кој ја освоил половина од српската естрада, а со другата половина имал пријателски односи. За тоа пишуваат таблоидите.

Јавноста се сеќава на Филип Јаневски, односно Фифи, кој/а се прослави со учеството во музичкото шоу Х-Фактор. Ги едуцираше на Фејсбук фановите и пријателите, објаснувајќи им ја својата сексуалност. Па појаснил/а дека има разлика помеѓу травестит и транссексуалност.

Глумел жена 30 години

Виктор не успеа да ја разоткрие неговата сексуалност. Редакцијата на Зенит сакаше да ги победи табуата и да објави интервју со Виктор, односно Виолета.

Пред една година ја отвори душата за нашиот весник. Но, се двоумеше за авторизација. Смртта го спречи да го даде последниот збор за бел ден на неговата животна судбина.

На диктафонот запишавме дека од секогаш се чувствувал како маж. И изгледот му бил машкобајнест или како што велеше машкадудинка. Му лежеле машки игри како дете, а не народна. Се дружел со спротивниот пол повеќе. Имаше свои и во Прилеп и во Битола.   

 – Вирееа во мене машки гени. Ме привлекуваше понежниот пол. А и физичкиот, женскиот дел не беше близок до мене. Доминираше мажественост. Така заминав во Германија пред повеќе од 30 години да се предадам на она што тлееше во мене, да станам маж. Оти не ми личеше и не ме бидуваше да глумам жена со сите природни дарови, но со машки афинитети во себе. Не ми стоеше фустан, уште помалку чевли со високи потпетици, да не зборувам за фризури на косата или шминки на лицето. Едноставно, во моето тело сé беше машко, освен… – кажуваше Виктор.

Во Германија ги минал сите терапии и специјалистички третмани. Му се намалиле градите, му пораснала брада, телото му станало влакнесто и мускулесто, а чувството не се променило. Само документи не можел да извади дека е “тешка рака”, бидејќи основните, изводот од Прилеп, не се менувал. Сепак биолошкото женско тело  вриело со машки атрибути, освен главниот што ги разликува двата пола. Така го поминал работниот век, но и со живот со повеќе партнерки.

Тука застанаа зборовите на Виктор, зашто на портата се појави неговата придружничка која го спречи да го продолжи раскажувањето на неговата “кариера”, да ги пренесе реакциите на родителите, блиските, комшиите, другарите и пријателите од Прилеп.

Рече, дека ќе се видиме, да ги завршиме сеќавањата за неговиот животен пат кои сакаше да ги подели со прилепчани. Но, никогаш повеќе не се пристапуваше до него преку неговиот телефон. Се јавуваше некоја жена со српски акцент. На почетокот од разговорот успеавме да направиме фотографија, но недоречената приказна останува под земјата со Виктор. Така го нарекуваме, оти не се бендисуваше како Виолета.    

Медицината во служба на ќефот

Транссексуализмот долго се третира како феномен. Кај нас, најмалку 24 лица бараа да го сменат полот, од мажи да станат жени и обратно. Тие велат дека се транссексуалци или на половина пат меѓу маж и жена. Во земјава не се  регулирани со закон ваков тип на зафати, иако велат дека се прават на илегален начин. Македонци, кои сакаат да го променат полот, најчесто тоа го прават во Србија, каде што е дозволено со закон.

Светските практики за промена на полот почнуваат со хормонска терапија, со која се менуваат сексуалните и полните карактеристики, потоа долготрајна и интензивна психолошка терапија и на крајот следува хируршкиот зафат.

Сексуалната определба е личен избор. Но, сексуалната ориентација не е нешто што човекот може да го избере или не. Напротив, луѓето се раѓаат такви. Единствено што може луѓето со нехетеросексуална ориентација да изберат е дали ќе бидат искрени кон себеси и другите во врска со тоа нивно лично чувство, и, ако евентуално си признаат себеси дека се такви, дали ќе живеат во согласност со таквата сексуална ориентација, или пак постојано ќе ја потиснуваат.

Родовиот идентитет подразбира сопствено поединечно и лично чувсвто на поединцеот за тоа дали се препознава себе си како маж или како жена. Тоа е збир од општествено одредени улоги кои од најмала возраст им се наметнуваат на машките и женските деца со цел да израснат соодветно во мажи – да носат пантолони, да не си го разубавуваат телото, да бидат агресивни, доминантни, да ги потиснуваат сопствените чувства, да работат физичка работа, финансиски да го осигуруваат семејството или жените да носат фустани, да си го разубавуваат телото, да бидат нежни, пасивни, чувствителни, да работат лесна работа, или, уште подобро, да седат дома, да чуваат деца и да готват.

Надворешното покажување, односно манифестирање на одредена родова улога често е како начин дали ќе носиме пантолони или фустан, дали ќе бидеме чувствителни или не, каква боја на гласот ќе користиме.

Виктор односно Виолета, замина, со сета тежина на својата двојност во животот, којшто претпочитал повремено или постојано да се облекуваат во облеката на спротивниот род.

Транссексуалците се лица кои по пат на хормонални терапии и хируршки зафати го менуваат својот природен пол, со цел и општествено да се вклопат во посакуваниот род.

Така, сакаше и Виктор, Виолета. 

Loading