САКАМ ДА ИЗГРАДАМ НУКЛЕАРКА ВО ПРИЛЕП

Прилепчанката Ивона Василевска ја спојува теоријата и праксата по нуклеарна физика во Москва

– НАШАТА МАРИЈА КИРИ СО ЕКСПЕРИМЕНТИ ГО ЗАМЕНИ СОНЦЕТО ВО РУСИЈА

Prvo mesto na natprevarot za mladi naucniciЈадрото на атомот е фокусот на проучување и интерес за прилепчанката Ивона Василевска (24), која е вљубеник во нуклеарната физика, односно атомската како гранка на природната наука. Енергијата на некои материјали кои пред 3 века ги откриле Анри Бекерел, Пјер и Марија Кири Склодовска и други физичари, па сé до Ајнштајн кој ја формулирал идеата за еквиваленција меѓу масата и енергијата, се научна опсесија за младата истражувачка која своето теоретско знаење го гради во Русија. Успева да ја спои и теоријата со практични примери. Темата за зрачењето, за ураниумот, нејзе í се блиски. Откритијата ги темели и врз експерименти. Го истражува електронот, внатрешната структура на атомот.

Иако не го знаела рускиот јазик, љубовта кон атомска физика ја однела пред шест години во далечната Русија, во нова средина каде првата година го учела јазикот и после се впуштила по трка за нови знаења. Четири години студирала на Рускиот државен универзитет “Дружби на народите” во Москва, кој е на петто место меѓу 100 универзитети во државата. Сега е на магистерски студии, на плазмена физика. Проектот за изработка на сулфурно плазмена ламба што може да го замени сонцето, на натпреварот за млади научници во Москава í го донесе првото место меѓу 33 учесници.

– Уште како ученик, за натпреварите по физика се подготвував од руски книги. Сфатив дека физиката во Русија е на високо ниво. И не згрешив што ја избрав оваа голема земја полна со знаења, зашто се уверив и на дело. Од втората година на факултет работам на различни проекти со менторот. Тоа многу ми помогна да се докажам меѓу Русите, кои, инаку, како народ, се многу националисти и не дозволуваат странски студенти да бидат супериорни – вели амбициозната физичарка Василевска.

Изумите од хартија до пракса

На добар пат е да стане научник. Не само што теоретски ја подготвила, дури и експериментално ја докажала хипотезата. Максимално искористувајќи ги знаењата, изработила машина за создавање плазма, како и програма со која може да се управува. Изумот може и да се користи, а не само да остане на хартија.

– Изработувавме проекти на физиката, експериментален дел со поткрепа на теортески дел. Имаше и дел на автоматизација со помош на програмски дел. Изработив машина за создавање на плазма, што може да се користи наместо сонце, која теоретски ја докажав – вели Василевска.

Меѓу сите студенти била избрана за првенец на генерацијата. Дипломската í била избрана за најдобра. Три години е претседател на странските студенти на универзитетот. Лани го освоила четврто место на Интернациналната олимпијада по природни науки. Зад себе има седум научни авторски публикации. Учествувала на над 15 конференции како презентер на нејзината работа.

Сон за атомски институт

Sedum naucni publikacii i ucestvo na 15 konferencii zad    sebeСонува за градба на атомска централа за добивање на енергија во Македонија, очекувајќи да надвладеат аргументите за комерцијалната употреба, наспроти оние за високото ниво на радијација.

– Би можела да работам во институт или во атомска централа. Да дозволат да изградам централа во близина на Прилеп, веднаш би се вратила. Има многу млади “мозоци”, кои наместо да творат во својата земја, поради околностите, работат за друга. Секој сака исплатливост на вложеното. Кога би избирала меѓу Прилеп и Русија, стои констацијата дека тешко се напредува на професионалано поле во нашата земја – вели Василевска.

Таа не запира со науката. Планира нови проекти. Со нетрпение чека да се запише на докторски студии, да ги покаже знаењата, работејќи во истражувачки институт. Тагува што тоа нема да биде во Македонија, туку во Русија.

Иако, живее во Струга, корените ја влечат кон родниот Прилеп, каде живеела кусо време, но огништето е магнет. Тука í е потеклото, бабите, дедовците. Ја влече и љубовта, нејзиното момче. Кога се враќа во Македонија, поголемиот дел од одморот го минува во Прилеп, за кој вели дека е градот што позитивно ја исполнува.

– Во Македонија сум еден месец зиме и три месеци в лето, од кои во Струга сум само три недели во годината, а подолго сум во Прилеп. Малку сум живеела во Прилеп, но ако се склопат коцките, прво ќе купам стан во Прилеп и се преселувам тука – со воодушевување кажува Василевска.

Пренесува дека животот во 20 милионската Москва е напорен, оти многу од времето í минува во движење. Живее во студентски град, во интернат, со студенти од цел свет. Не е единствена Македонка, ни прилепчанка. Познава двајца колеги кои завршиле. Ја дружат уште дваесетина македонски студенти, од 50 во Русија.

– Работа, учење и дома. Тоа е сé. За викенди, ако се излезе малку. Задоволна сум од Русија, затоа што добро ме прифатија на факултетот од првиот ден. И до ден денес, уште вложуваат – додава Василевска.

Со гордост се сеќава на гимназиските награди во Струга кои ги добивала на регионалните и државните натпревари. Физиката е нејзиниот сон, што ја исполнува, а успехот доаѓа полека.  

Loading