ВРЕМПЛОВ – ГОЦЕ МАНЕСКИ
Гоце Манески, беше расен напаѓач и голгетер во Победа, пред кого многу бекови во тогашната Втора фудбалска лига ги фаќаше паника, кога ќе им појдеше во пресрет. Некои остро стартуваа, но змијулестите дриблинзи често го вадеа. Центрираните топки од десната страна, центарфорот Ристо Глигороски, послужен како со рака, безмилосно ги тресеше противничките мрежи.
– Со Магдески, Глигоровски и Живко Ѓорѓиоски бевме напаѓачи како што ретко се наоѓаше во Југославија. Се разбиравме со поглед. Кога ја имав топката, знаеа кого и каде ќе го проиграм. Потоа беше лесно. Постигнувавме голови и победувавме како од шега – сака Манески да се знае кој што бил во Победа.
Играше десно крило, а идол, како на многу генерации, му беше Кирил Атанасоски – Бикерес. Беше извонреден дриблер и шутер, каков што ретко се раѓа.
– Во 1969 година дебитиравме со Магдески против скопски Работнички во Прилеп со тренерот Василије Шијаковиќ. Игравме со Истатов, Мечев, А. Конески, Дрвошанов, Николоски, Мирчески, Бадрлица, Трајков, Глигороски, Ѓорѓиоски и Митрев – спомнува Манески.
Победа и кога не победувала знаела да игра добро, да не ги разочара многубројните фудбалски пријатели.
– Гостуваше ОФК Београд. Одигравме 0:0, но покажавме блескава игра. Не успеавме да го совладаме репрезентативниот голман Борота. Гледачите почесто беа на нозе, отколку што седеа. Многу шанси за голови. Гостите ги водеше сојузниот селектор Гојко Зец. Имаа репрезентативци, Степановиќ и Турудија – се наврати Манески.
Победа денес е далеку од пред осумдесеттите години, кога на трибините имаше и 25.000 гледачи.
– Некогаш на трибините немаше место да се стои, а не каде да се седне. Така беше на една решавачка средба со Пелистер од Битола, кого го победивме со 3-1 и постигнав три гола. Тренер беше Мома Илиќ, кој го воведе во екипата популарниот Илија Најдовски, а кој подоцна замина во Вардар и за белградска Црвена звезда, клупскиот европски и светски првак – зборува Манески.
Десното крило не ги заборава средбите со Напредак од Крушевац и Вардар.
– Додека сум жив ќе ја помнам “10” добиена од белградски Спорт на натпреварот Сутјеска – Победа 1-3 во Никшиќ. Славни се победите над Напредак, па ја совладавме Галеника во Земун и Рад во Белград. Победите направија име на Победа – се сеќава Манески.
Фудбалската кариера не била секогаш покриена со рози. Имало и нервози, непреспиени ноќи по поразите, но и ќотек.
– Со тренерот Червенски, игравме за опстанок во Котор. Поведовме со 1-0, а публиката влезе во теренот. Тренерот не советуваше, домаќинот да го израмни резултатот, зашто лошо ни се пишуваше. Така направивме, но со бод ќе испадневме. Во 88 минута постигнавме гол и останавме во лигата. Разбеснетите гледачи влегоа на теренот и ни удрија таков ќотек што и по толку години не го заборавам – признава Манески.
Многу клубови го барале, но тој тешко решавал да замине од Победа и од Прилеп.
– Ме бараше ОФК Београд по заминувањето на Илија Петковиќ во Франција. Во Прилеп ми беше извонредно. Не можев без Победа. Игравме пријателски натпревар со Раднички во Ниш и одиграв одлично. Домаќините прашале колку сум стар. Миле Талески рекол дека имам 25, а немав 22 години. Тоа не му го заборавам. Таму беа Илија Димоски, Раде Цветковиќ, Диксон Јовановски. Можеби ќе се решев да играм една-две сезони. Но сите премногу ја сакаме Победа – искрен е Манески.
Драги Башески