Државни прваци по математика

Koceski so mentorite po geografija i matematikaДеветоодделенецот Ѓорѓи Коцески, предводен од менторот Ирена Аџиоска од ОУ “Кире Гаврилоски – Јане” и седмоодделенецот Благојче Овезоски од ОУ “Гоце Делчев” со наставничката Билјана Попоска Филипова покажаа врвно знаење по математика на државниот натпревар. Не здивнуваат, туку напорно “тренираат” задачи, за наскоро како државни прваци да се соочат со предизвиците на јуниорската македонска Олимпијада. Со повеќе решени задачи и малку среќа ќе се докажуваат и на Балканската.

За Коцески, не е сефте, оти веќе три пати ја “пробал среќата” на македонската, а еднаш “прошетал” и на Балканската. Математичките триумфи му се од трето одделение. Одел по стапките на татко си, кој ја немал шансата на одмерување на силите.

Инаку, Коцески е одличен и во познавање на држави и главни градови посебно од Европа. Бил и на натпревар по географија. Давајќи го максимумот, го издржал темпото со добри резултати. Првото место на регионалниот натпревар го одведе на државниот во Гевгелија. Меѓу 105 учесници, под менторство на наставникот Милан Јаковоски се изборил за осмо место, постигнувајќи најдобар резултат од градов, со само три поени зад победникот.

А Овезоски, кој првпат добива право за учество на државен, очекувал потешки задачи. Математиката му е омилена, а од трето одделение секогаш освојува претежно први места. Лани беше првак и на меѓународниот натпревар Кенгур.

Matematicarite od OU 'Goce Delcev'Релаксација му е математиката на деветооделенецот Брајан Петкоски од ОУ “Гоце Делчев”. Секоја година “зема” места на регионалните натпревари. Под менторство на Емилија Ристеска успеал да се пласира и на државен. На почеток му било малку стресно, но влегол “во шема” и се изборил за третото место. И него го чека Олимпијада. Одличен “другар” е и со англискиот. Станал првак по англиски на меѓународниот натпревар Хипо. 

Loading