Вреди да се одигра, не мора да се победи

Ракомет: Нов привлечен меч во Универзална

Прилеп е во дуел со фаворитот Зомимак

Privilegija pred polni tribini - PrilepПеттото плеј – оф суперлигашко ракометно коло носи привлечен меч, Прилеп – Зомимак. Гладната публика за квалитет уште еднаш ќе ја исполни Универзалната сала вечерва (19 ч.) да ужива во битката на паркетот меѓу домашниот состав, кој нареди четири порази и фаворизираниот струмички, кој има по два порази и победи.

– Ќе пробаме да дадеме максимален отпор, да наметнеме наша игра. Ако ни се даде шанса, ќе направиме сé да стигнеме до подвиг – порачува Ице Соколоски, тренер на Прилеп.

Едноставно, вреди да се одигра добро, не мора да се победи. Извлечена е поука од претходните две пресметки, пред пет месеци со Зомимак и претходниот месец со Металург, кога прилепските ракометари оптоварени со мислата да í се оддолжат на многубројната публика, имаа преслабо прво полувреме и понатаму не можеше многу да се поправи. Стручниот штаб дава совети и особено внимава на психолошкиот аспект, кој може да биде решавачки.

– Зомимак се знае кој е и не е срамота да се претрпи пораз од така силна екипа. Ништо не губиме, можеме само да добиеме на ваков меч – истакнува Соколоски.

Дуелот е привлечен и затоа ќе се има директен пренос на МТВ.

Клубот сепак останува на популарната цена на влезниците по 50 денари.

Играат репрезентативци

Вечерашниов дуел е можност на дело да се видат повеќе репрезентативци. Од Прилеп во државниот дрес настапува Златко Мојсоски, а во Зомимак со тој статус се Игор Павловски, браќата Велко и Никола Маркоски.  Интересно е што во гостинските редови настапува еден прилепчанец, голманот Благојче Трајкоски.

Loading