17 гола во противничката мрежа

Времеплов –  Гоце Бозароски – ракометар

Ist vo odbranata i napadot - Goce BozaroskiОд плејадата успешни ракометари и тренери во ракометниот спорт се издвојува и Гоце Бозароски, некогашен стандарден првотимец и прв тренер на РК Тутунски комбинат во сите селекции на клубот. Како и многумина од младите, Бозароски се обидел да спортува во неколку клубови од малите спортови.

– Спортската кариера ја почнав во 1967 година, во пинг- понгот, а во 1969 отидов во одбојката, во ОК 11 Октомври. Во 70та година, во кошарката, во КК 11 Октомври, а во 1973 во ракометот, во Тутунскиот комбинат – ја враќа меморијата Бозароски.

Во РК Тутунски тренери биле Симон Мерипушкоски и Орде Магдески.

– Првиот тренинг беше на теренот од Вишата економска школа. Тутунски се натпреваруваше во Втората ракометна лига на Југославија. По физичката проверка одигравме контролен меч меѓу себе. Мерипушкоски ми рече: “Бозар, тебе местото ти е во ракометот. Продолжи да тренираш, нема да згрешиш” – го примил советот Бозароски.

Дебито било во 1974 година против Пролет од Скопје. Второлигашки ракометар бил 12 години,.

– Бев снажен, брз и со одмерен удар. Немаше натпревар да не ја затресам противничката мрежа повеќепати. Умеев да се вратам во одбраната, а веднаш потоа да се најдам во нападот, да го погодам голот – потенцира Бозароски.

Во секоја игра победа се остварува со головите.

– Најмногу голови на еден натпревар постигнав против Металац од Ваљево. Играв извонредно, а мојата ефикасност дојде во најпотребните моменти кога се кршеше резултатот. Бев незадржлив, 17 пати го погодив гостинскиот гол. Бев заслужен за нашата победа – се потсетува Бозароски.

Во Тутунски секоја генерација оставила неизбришливи траги, а меѓу играчите имало ракометари кои се издвојувале по својот квалитет.

– Не е фалба, туку голема вистина дека клубот имаше многу квалитетни играчи. Се издвојуваа Арапчески, Арсоски, Николоски,  Коруноски, Вељаноски, Секулоски и Илиески – ги одредува Бозароски најдобрите во неговото ракометно доба.

За секој спортист големо признание е да ги брани националните бои.

– Селекторите ме повика во македонската репрезентација во три наврати. Имавме силна селекција и не ми е криво што не бев во повеќе состави на државниот тим – искрен е Бозароски.

Тој бил прв тренер на Тутунски и селектор на младинската репрезентација на Македонија.

– Во 2004 година бев назначен за селектор на кадетскиот состав на Македонија. Репрезентацијата ја водев на Европското првенство во Романија. Забележав колку многу треба да се вложува и поддржуваат младите ракометари, кои се база за сениорските состави – подвлекува Бозароски.

Сé има почеток и крај. Тоа треба да се прими природно, зашто времето работи за помладите спортисти.

– Играчката кариера ја окончав во 1985, а тренерската во 2011 година. Имав отворено и школа за ракомет, но во сегашниве услови тешко може да се успее без финансиска поддршка – оценува Гоце Бозароски.

Rakometen gen - Aleksandar BozaroskiПо татковите стапки

Крушата паѓа под круша. Александар Бозароски, син на Гоце Бозароски, тргнал по стапките на татко си. И тој првин се обидел во фудбалот, а подоцна во ракометот каде е и денес. Бил ученик кај татко си во РК Тутунски. Се натпреварувал во младинската супер лига на Македонија. Бил во улога на градител на играта и голгетер до згаснувањето на клубот пред девет години. Бил и репрезентативец, а сега е член на РК Прилеп во Супер лигата на Македонија.

Драги Башески

Loading