Без вајлд карта до Рио

Стрелаштво: Стеван Крстески, селектор

Imame dve kandidatki za Olimpijada - Stevan KrsteskiДеновиве во градов е прилепчанецот Стеван Крстески, кој живее во Скопје, а причина за преселбата во 1964 година била стрелаштвото. Добитник е на високото државно признание, наградата за животно дело “Осми септември”. Актуелен селектор е на репрезентацијата.

Каква е моментната ситуација во мак-стрелаштвото?

– На најниско ниво во однос на комплетна репрезентација. Имаме олимписки стипендистки, кандидатки за пат во Рио 2016, охриѓанката Балабан и битолчанката Ивановска. Тие се со пушка, а добри се уште двајца со пиштол, но не се доволни.

Златното време беше 1996 – 2004 кога бевме на три олимпијади?

– На олимпијадите учествуваа со вајлд карти, оти на меѓународните натпревари успеваа да се пласираат во средината, додека сегашниве кандидатки би можеле да влезат во финалињата. Тоа е многу висок пласман. Се надеваме дека со норма ќе заслужиме место во Рио, без вајлд карта, како што тоа го правеа параолимпијците.

Зошто стрелците прават еден резултат дома, а друг надвор?

– Имаме програма, план за работа и индивидуални планови. Сето тоа ако не е искомпонирано, доаѓа неуспехот. Постои и психолошки момент, дали се пука за резултат или за задача. Ако се пука за задача се прави според принципи во спортот, кога треба одмор…

Стрелаштвото во градов?

– Од еден од најактивните градови во земјата, сега спласна и да не речам е на најниско рамниште. Има стрелиште, едно од подобрите објекти за таа намена. Грев е да не се искористи.

Релациите со прилепските клубови?

– Кога има потреба помагам на новите Мета, Стрелец и Нишан. Со стариот клуб Херој Прилеп немам контакти од времето кога се направи друга федерација. Штета.

До кога во стрелаштвото?

– Додека не дојде нов стручен кадар, наследници, ќе помагам – заврши Крстески. 

Loading