Олимписко око на 16 години

Времеплов – стрелецот Дарко Насески

Olimpijadata e son za sekoj sportist - Darko NaseskiДа се има Дарко Насески, значи да се има спортска големина во стрелаштво која долго ќе зрачи на прилепското и македонското небо. Велат дека додека не се најде појунак и попрецизен стрелец од него, секогаш ќе остане првиот прилепчанец кој бил на Олимпијадата во Атланта, во САД во 1996 година.

На стрелечките мегдани Насески се појави во 1992 година, во СК Херој Прилеп. Омилено оружје му била пушката, која, за четири години му донесе успех што во тоа време, а и денес, може да се сонува.

Има 36 години, но пред речи 20 години беше надеж и најамбициозен човек.

Негиовиот тренер Трајче Дамески уште се гордее со својот, нашиот, олимпиец, кому му легна пушка. 

Насески не се делел од пушката. Му била перница. Редовен бил на тренинзите. Со отворени очи и уши ги голтал советите на тренерот и стигнал првиот успех.

– Почнав како пионер во 1992 година. Со годините стигнав до младинец  и сениор во клубот со многу квалитетни стрелци со пушка и пиштол, во машка и женска конкуренција. На дебито на Пионерското државно првенство во Прилеп го освоив златниот медал со 179 кругови. Тоа е мојот најдраг спомен од првите чекори во стрелаштвото – вели Насески.

Блескавиот почеток го охрабрил и посакал во стрелаштвото да остане додека е можно. 

– Се натпреварувавме во Првата македонска лига, во купот МССФ, учествувавме на Светски купови, на Балкански првенства, на Европско првенство, на многу меѓународни турнири дома и во странство. Никогаш не останавме без освоен медал, туку уривавме рекорди. Кога бевме младинци и јуниори имавме стандарден состав. Беа и Владимир Магдески и Сашо Јанкулоски. Тројцата не вбројуваа меѓу најдобрите стрелци во Македонија – сака Насески да не се заборават успешните.

Да се биде дел од една светска спортска манифестација какво што е учеството на Олимпијада не е лесно. Напротив, треба да се биде свој на својата позиција, смирен како ништо да не се случува. Учеството треба да биде мотив повеќе за секој спортист.

– Олимпијадата во Атланта, во САД, собра неколку илјади спортисти, буквално не успеав да видам ниту да се дружам со еден помал дел од нив. Беше сé  испланирано до милиметар и до секунда, кој каде да се движи, кој кога е актуелен за да излезе на борилиштето. Кога ми дојде редот, буквално ми се стегна срцето, но како стрелец бев со години подготвуван да не мислам на ривалите, ниту на службените лица и камерите. Пријдов на своето место, се созедов, ја погледнав пушката, ја видов метата, го запрев за момент здивот, ја испукав дадената муниција, погодив 581 круг, го зазедов 41-то место, од кое лично бев задоволен, иако можев и повеќе – вели Насески, дебитантот на оваа светска сцена.

Бројни се рекордите на Насески во стрелечката кариера, кои му донесле многу радост и афирмација на клубот.

– Најдобар  резултат и рекорд на сите државни првенства на кои сум пукал е 588 круга. Уште три рекорди се актуелни и не соборени – потсети Насески.

Насески стасал до три вицешампионски места на Балканот, што не е мала работа. Втор е рамно на рамо до рамо со најуспешните.

– Формата на тренинзите не значи дека и на првенствата ќе може да се испука муницијата точно во целта. Тоа не ми се случило само мене, малку требаше да бидам и балкански шампион и спортската кариера да ја овековечам со три први места и со три златни медали. Но, така е тоа во спортот. На трите првенства прво почнав со 578 круга во Никшиќ, Црна Гора, потоа со 579 круга во Охрид и најдобар ми е резултатот од 582 круга во Турција  – се сеќава Насески.

На Европското првенство во Полска, во силна конкуренција, со 586 круга, беше шести.

– Како на сите европски првенства, така и во Варшава, конкуренцијата беше мошне силна. Наредени мајстор до мајстар. Во таква средина шести не е мал резултат. Можев повеќе, но за рекорди се потребни  максимални психофизички можности – се враќа во минатото Насески.

Голема е радоста, прилепчанец, Македонец, да е на врвот од Европа.

– Учествував во младинска конкуренција на Меѓународен турнир во Топола, во Србија. Посакував, а не бев сигурен дека ќе погодам 591 круг, дека ќе се пласирам во финалето, дека ќе бидам прв, дека ќе постигнам нов светски рекорд и дека ќе бидам прв на светот и светски младински првак – не ја крие Насески насмевката и радоста за освоената светска младинска титула и денес.

Loading